Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција со министрите за европски прашања на Финска и Ирска, Тити Тупураинен и Томас Берн рече дека сега имаме шанса за судбоносно „да“ за европска иднина на земјава, бидејќи со официјалниот француски предлог го добивме она за кое се бориме со години,
– Чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси. Тоа е она за што се боревме, што го посакувавме, тоа се нашите црвени линии кои успеавме да ги зачуваме. И тоа треба да го вреднуваме и да го цениме. Покажавме дека имаме одговорност и стратегија во целиот процес, кажа на прес-конференцијата Маричиќ.
Министерката за европски прашања на Република Финска, Тити Тупураинен, рече дека гледа позитивни чекори и дека ги поддржуваат сите напори да се најдат заемно прифатливи решенија, бидејќи почетокот на преговорите е од суштинска важност не само за Северна Македонија, туку за целиот регион и ЕУ.
– Се работи за кредибилитетот на ЕУ и нејзината политика за проширување, а се разбира ова е и прашање на мир и стабилност на Западен Балкан и според тоа претставува европско прашање за нас. Северна Македонија е позитивен пример на активен и конструктивен член на меѓународната заедница, истакна Тупураинен, изразувајќи благодарност за нашата добра соработка и нејзиното присуство во Северна Македонија во овој историски момент.
Вицепремиерот ја поздрави одлуката на Финска за зачленување во НАТО и ја потврди политиката на Северна Македонија на отворени врати за членство во НАТО, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи што е можно поскоро.