
Пред Основниот суд Битола денеска протестираа вработени во ОУ Ресурсен центар „Кочо Рацин“ Битола и родители на деца со посебни потреби штитеници на центарот.
Протестот се случи токму пред почетокот на судскиот процес во кој наставник по физичко образование го тужи Ресурсниот центар затоа што избрал друг кандидат за работа.
Вработените и родителите собрани пред судот, на мирен протест, реагираат дека наставник се однесувал недолично кон нивните деца, кон самите родители, па и кон своите колеги и тоа во подолг период.
Родителите реагираа и јавно тврдат дека наставникот додека бил на работа ги исмејувал децата, имало и физичко и психичко насилство, па дури со топка удрил и ученик во главата.
Живко Петровски, претседател на Советот на родители и родител на дете со посебни потребни, на протестот кажа дека поранешниот наставник по физичко воспитување го измејувал неговото дете пред останатите присутни.
„Поранешниот наставник го избркавме од школото поради недолично однесување кон децата. Нашите деца сакаат посебно внимание и третмани. Тој се однесуваше недолично и кон родителите и кон децата. Моето дете има 12 години, наставникот го исмејуваше како оди, како се однесува. Детето беше расплакано и растревожено. Но, во тој момент не отидов да го однесам на лекар. Сега се каам. И јас како родител се чувствував вознемирено. Наставникот имаше и други престапи, и во присуство на полицијата имаше вознемирувачки слики и стресови. И детето што беше нападното од негова страна со топката во лицето беше растревожено и расплакано“, рече на протестот родителот Живко Петровски и додаде дека презеле мерки како Совет на родители, му било дадено време на наставникот да се поправи, но тој пак се однесувал по старо.
И вработените во Ресурсниот центар го споделија своето искуство од работата со поранешниот колега.
Наставникот Драган Спировски на протестот рече дека со наставникот разговарале неколку пати, но неговото однесување останало исто.
„Неговото однесување остана непроменето, непрофесионално и кон колегите, но најжалосно е што тоа однесување беше проблематично и непрофесионално. Бев сведок на неколку настани каде децата беа малтретирани и физички и психички, вознемирувани, исмејувани. Бев сведок на настан каде дете беше исмејувано за неговиот хендикеп, како оди, дека не може правилно да оди. Имаме записници за ова негово однесување од страна на директорката, од колегите, но работите се повторуваа“, рече наставникот Спировски.
Членовитe на Училишниот одбор на протестот рекоа дека ја истакнуваат својата професионална и институционална одговорност да постапуваат совесно и во најдобар интерес за учениците и училиштето.
„Нашиот став во однос на можноста за повторен избор на поранешниот наставник по физичко и здравствено образование не се темели на лични несогласувања или интереси, туку на начелата на основното образование утврдени со член 4 од Законот за основното образование, особено најдобриот интерес на ученикот, инклузивноста, прифаќањето на различностите, грижата за безбедноста, здравјето и добросостојбата, како и на начелото на стручност и компетентност при пополнување на работните места во јавниот сектор“, рече Ивана Карајанова член на УО и специјален едукатор и рехабилитатор во Ресурсниот центар „Кочо Рацин“ Битола.
Според неа Училишниот одбор констатирал дека во текот на претходниот работен ангажман на наставникот биле евидентирани низа жалби, претставки, укажувања, немили настани и забелешки во однос на реализацијата на наставата, непочитувањето на специфичните потреби на учениците со попреченост, непочитувањето на работните задачи, несоодветната комуникација и соработката со вработените, како и ситуации кои предизвикале сериозна загриженост во однос на безбедноста, достоинството и благосостојбата на учениците. Биле спроведени соодветни постапки, по што било донесено решение за престанок на неговиот работен однос од страна на органот за раководење.
Дописникот на „Независен“ од Битола доби дозвола од Врховниот суд да го следи судењето, но Основниот суд Битола повикувајќи се на член од Судскиот деловник не дозволи видео и аудио снимање, известување и фотографирање од парничната постапка. Тужителот, во случајот наставникот по физичко образование доставил до судот поднесок во кое не се согласил на новинарско следење на рочиштата.
Адвокатот Васко Талевски кој го застапува наставникот во судскиот спор, за „Независен“ рече дека нема овластување од својот клиент да дава изјави за јавноста во врска со овој случај.
Во судскиот процес во кој наставникот по физичко образование го тужи Ресурсниот центар, бара да се врати на работа бидејќи ги исполнува условите од јавниот оглас, да се поништи одлуката со која за наставник по физичко образование е избран друг кандидат и да се задолжи Ресурниот центар да направи повторен избор од пријавените кандидати кои ги исполнуваат законските услови.