Предлогот на француското претседателство со ЕУ во оваа фаза е прифатлив за македонскиот претседател, Стево Пендаровски, изјави тој по состанокот на Советот за безбедност.
„Предлогот се сведува на едно барање, да се внесат Бугарите во Уставот. Не верувам дека ова е судбинска дилема. Мојот став е дека со одлуката да го прифатиме предлогот е само за да ги отвориме преговорите. Одлуката да го прифатиме францускиот предлог нема да биде ниту историски триумф или историски дебакл. Според мене, ова е транзиционен процес. Предлогот за мене во оваа фаза е прифатлив“ – изјави Пендаровски.
Тој рече дека не е точна перцепцијата кај дел од јавноста, дека оваа е судбинска дилема да се биде или не и дека деновиве треба да донесеме одлука за нашата судбина, ако го или ако не го прифатиме францускиот предлог.
Според шефот на државата, станува збор за транзициски предлог и затоа негов став е дека треба да се прифати само како одлука државата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.
„Не е точно дека историјата е услов. Предлогот како главно барање го има внесувањето на бугарска заедница во нашиот Устав. Неговото прифаќање или неприфаќање нема да биде ниту историски триумф, ниту историски дебакл“ – рече Пендаровски.
Тој додаде дека очекува заклучоци на Владата, ако таа го прифата предлогот, дека мора да ја содржат реченицата „Од денот кога ќе ги отвориме преговорите до нивното завршување, ако има дополнителни обиди за спомнување влез во дискусиите македонски јазик и македонска историја, во истиот момент да се повлечеме од преговорите.
„Постои страв дека Европа игра лицемерна политика, и граѓаните реално е да го имаат тој став. Но во моите разговори и со Шолц, и со Макрон, и со високи европски функционери, немам добиено впечаток дека тие сакаат да ја разнебитат македонската нација“ – рече шефот на државата.