
Тошковски: Жената треба да се чувствува најбезбедно во својот дом, со новиот закон се предвидуваат и електронски алки за насилниците
Жената, мајката и ќерката треба најбезбедно да се чувствуваат во својот дом, а институциите се должни да направат сè што е во нивна можност за нивна заштита, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител, најавувајќи дека во Собранието е поднесено ново законско решение за семејно насилство, со кое, меѓу другото, се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
Жената, мајката и ќерката треба најбезбедно да се чувствуваат во својот дом, а институциите се должни да направат сè што е во нивна можност за нивна заштита, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител, најавувајќи дека во Собранието е поднесено ново законско решение за семејно насилство, со кое, меѓу другото, се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
Тошковски посочи дека повеќе од пет до шест месеци интензивно се работело на подготовката на законското решение, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, невладини организации, експерти, професори, обвинители и судии.
-Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега – рече Тошковски.
Тој објасни дека со предложените измени полициските службеници ќе добијат овластувања за побрза интервенција, а ќе се зајакнат и механизмите за постапување во случаи на семејно насилство. Во законското решение е вклучена и можноста за употреба на електронски алки за следење на осомничени лица и лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.
Министерот изрази очекување дека пратениците во најкраток можен рок ќе го усвојат законот.
Говорејќи за зголемувањето на бројот на пријавени случаи на семејно насилство, Тошковски рече дека ја разбира и целосно ја поддржува загриженоста во јавноста, но посочи дека промените во законодавството и поголемата подготвеност на жртвите да пријавуваат влијаат врз статистиката.
Според него, оваа година, по измените на Кривичниот законик, кога во рамки на семејството има пријавена телесна повреда, МВР по службена должност презема кривично гонење, што придонело за зголемување од околу 50 проценти на бројот на кривични постапки во споредба со претходната година.
Тој посочи и дека во 2026 година има зголемување од 270 проценти на изречените мерки притвор поврзани со семејно насилство, наведувајќи дека 163 лица се во притвор или биле во притвор во текот на годината за кривични дела поврзани со овој вид насилство.
-Факт е дека пријавите во Министерството за внатрешни работи оваа година се далеку побројни отколку претходно…Јас сакам да верувам дека тоа е така затоа што жртвите се охрабрија да пријавуваат, гледајќи партнер во рамки на Министерството за внатрешни работи како институција – рече Тошковски.
Тој додаде дека статистиката, според него, покажува подобрување во постапувањето на полицијата, во поднесувањето кривични пријави, проценките на ризик и поведувањето итни постапки.
Како аргумент дека зголемувањето на пријавите не мора да значи и зголемување на реалниот број случаи, Тошковски ја посочи споредбата со 2022 година, наведувајќи дека бројот на смртни случаи поврзани со семејно насилство оваа година изнесува седум, исто колку и во 2022 година.
Во интервјуто тој реагираше и на критиките кон Министерството за внатрешни работи во врска со трагичните случаи на семејно насилство, особено последниот случај со убиството на 17-годишната девојка од Богданци, оценувајќи дека во изминатиот период има политички злоупотреби на овие трагедии.
-Морам да ги осудам политичките злоупотреби што очигледно се прават во изминатиов период на сметка на трагичните случаи што ни се случуваат. Фактичката состојба е таа, ја кажав – рече Тошковски.
Тој посочи дека вкупниот број убиства во земјава заклучно со октомври е најмал во последните шест години, иако бројот на убиства поврзани со семејно насилство е предмет на јавна загриженост.
Во однос на прашањето дали дел од очекуваните 10 милиони евра приходи од сообраќајни казни на годишно ниво може да се искористат токму за електронските алки, Тошковски рече секако дека тоа е можно и појасни дека 25 проценти од вкупните средства што се собираат во рамките на Министерството се слеваат во буџетот на МВР и се користат за сè што е поврзано со безбедноста, особено со безбедноста во сообраќајот, може да се користат и за безбедноста во контекст на семејното насилство.
-Мораме да сториме сè, дали треба да имплементираме ново законско решение – апсолутно да. Но мора да бидеме свесни дека ниту една законска измена сама по себе нема целосно да го искорени семејното насилство. Она што можеме да го направиме е да создадеме подобри услови за побрза и поефикасна реакција на институциите – истакна министерот.