Две години затвор за Пеце Матевски, условни казни за уште седуммина во случајот со тендерот во РЕК „Битола“

Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во постапката за јавна набавка за ископ на јаловина, во која била избрана битолската фирма „Рудкоп“, а била отфрлена понудата на скопски „Гранит“.

Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во постапката за јавна набавка за ископ на јаловина, во која била избрана битолската фирма „Рудкоп“, а била отфрлена понудата на скопски „Гранит“.
​
Пресудата ја изрече судијата Горан Димовски од Основниот суд во Битола. Покрај Матевски, условни казни добија и Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, членови на Стручната комисија. На нив им е утврдена казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Според образложението на судот, обвинетите Матевски, Петковски, Ѓорѓиевски и Ангелевски прибавиле корист за „Рудкоп“ во висина на разликата меѓу понудените цени, откако понудата на „Гранит“ била отфрлена и фирмата не учествувала во електронската аукција. Со тоа, според пресудата, на РЕК „Битола“ ѝ била предизвикана штета од 178.370.319 денари, односно околу 2,9 милиони евра.

Судот оцени дека со овие дејствија четворицата обвинети, како соизвршители, сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје, добија условни казни. На секоја од нив им е утврдена казна затвор од осум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една и пол година од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Од обвинението се ослободени Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки. Судијата Димовски образложи дека јавниот обвинител не докажал дека тие го сториле кривичното дело што им се ставаше на товар.

Обвинението го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска од Основното јавно обвинителство Битола. Судот одлучи оштетеното правно лице АД ЕСМ имотно-правното побарување да го оствари во граѓанска постапка.

Во однос на околу 3,5 милиони евра замрзнати средства на фирмата „Рудкоп“ од Битола, во сопственост на Кирил Билјановски, судот одлучи привремената мерка да остане во сила до правосилното завршување на кривичната постапка.

„Времената мерка која се состои со замрзнување на паричните средства на правното лице ‘Рудкоп’ Битола е определено да трае до правосилно завршување на кривичната постапка, истата останува во сила или до некои суштински измени доколку има потреба“, рече судијата Димовски.