Османи го демантира Мицкоски за „Алта банка“: Документот од 2023 година нема врска со преземањето на Стопанска банка Битола

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи реагира на обидите на премиерот Христијан Мицкоски да ја префрли политичката одговорност за случајот со „Алта банка“ врз претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи реагира на обидите на премиерот Христијан Мицкоски да ја префрли политичката одговорност за случајот со „Алта банка“ врз претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Османи прави споредба меѓу документот од 24 октомври 2023 година, кој вчера го презентираше Мицкоски во Собранието, и одлуката на актуелната Влада од 23 септември 2025 година.

Според неговата анализа, станува збор за две различни постапки со различна содржина и цел.

Документот од 2023 година се однесувал на заштита на сопственичките и правните интереси на државата во врска со акциите на Македонија во „Алта банка“ во Белград, стекнати преку сукцесијата на поранешна Југославија.

Од друга страна, одлуката од 23 септември 2025 година се однесува на конкретна понуда на „Алта банка“ за преземање акции од 16 јавни институции во Стопанска банка Битола. Владата им дала насоки на институциите во краток рок да ја разгледаат понудата и, доколку нема законски пречки, да се изјаснат за нејзино прифаќање.

„Разликата е суштинска: во 2023 година станува збор за заштита на сопственичките интереси на државата во правна постапка, а во 2025 година институциите добиваат насоки да разгледаат прифаќање конкретна приватна понуда за купување акции“, посочува Османи.

Тој оценува дека користењето на документот од 2023 година за релативизирање на политичката одговорност на Владата од 2025 година претставува манипулација со контекстот и хронологијата.

„Во политиката може да се манипулира со толкувањето на документите, но нивната содржина не може да се менува.“

Османи порачува дека одговорноста за одлуките од 2025 година не може да се префрли врз Владата од 2023 година.