Фирми без вработени и газди со политички врски должат 224 милиони евра за данок и придонеси

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата Листа на должници бр. 11/2026, на која се евидентирани вкупно 5.200 даночни должници со вкупен нето-долг за даноци и придонеси од 13,784 милијарди денари, односно приближно 224 милиони евра. На листата се опфатени долговите доспеани до 31 јули 2026 година, кои останале неплатени заклучно со 31 октомври 2026 година.

Најновите податоци на УЈП покажуваат дека значителен број даночни обврзници и понатаму имаат неподмирени обврски кон државата, додека кај дел од должниците е забележано дополнително зголемување на долгот.

На врвот на листата се три компании од Скопје, а најголем должник е Хант осој трејд, со долг од над 900 милиони денари, односно околу 14,87 милиони евра, сите по основ на ДДВ.

Со сличен износ на неплатени обврски е и скопската компанија Окитна трејд увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, регистрирана во Визбегово. Меѓу трите најголеми должници е и Лисав Компани од Скопје која должи 449 милиони денари.

Кај сите три компании, според објавените податоци, долгот се однесува исклучиво на неплатен данок на додадена вредност.

Компанијата ХАНТ Осој има едно вработено лице и е формирана во 2022 година.

Сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција пред две години тврдеше дека фирмата „Хант Осој“, до крајот на 2022 година се викала „Хантонос“. Тогашниот сопственик Васе Панајотов му ја продава на извесен Агим Имери од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 12 милиони евра и исчезнал.

„Фирмата ХАНТОНОС е отворена јануари 2022 година од Васе Панајотов од струмички Секирник, а продадена на 25 ноември 2022 година на Агим Имери од Косовска Митровица којшто го менува името во ХАНТ ОСОЈ со ново седиште во Скопје. И оваа нова фирма ХАНТОНОС (како и АКТИКО/ОКИТНА) за кусо време тргува, увезува роба за 57 милиони евра, а никој не прашува од каде парите, и за тоа користи поврат на ДДВ од над 10 милиони евра.

Кога доаѓа време за наплата на данок во 2023 година, УЈП сфаќа дека фирмата не плаќа, па потоа да не успее да го најде сопственикот, за којшто МВР и посочува дека лицето Агим Имери од Косовска Митровица на кого му е продадена фирмата воопшто немал влез во Македонија во периодот кога наводно ја купил и работел со фирмата.

И УЈП потоа разбира дека нема деловни книги, нема сметководство, а фирмата должи данок. Вкупно што УЈП сега бара е 12 милиони 226 илјади евра, односно всушност парите кои се дадени како ослободување од ДДВ – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Сега на власта, се чини, не и смета тоа што одредени фирми наводно прават малверзации со повратот на ДДВ од државата.

За слични малверзации со поврат на ДДВ, ВМРО-ДПМНЕ обвини и кај фирмата „Окитна Трејд“, која кон крајот на 2022 година преминала од дотогашната сопственичка Зуле Кармзова во рацете на Егзон Бериша од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 11 милиони евра.

„Дианита ДООЕЛ “ од Струмица е четврти најголем должник со долг од 394 милиони денари или нешто над 6 милиони евра. Долгот се зголемил за 16 милиони денари за само три месеци.

Преку оваа фирма лани биле свртени 182 милиони евра, односно за 210 отсто повеќе приходи отколку за една година претходно, а при тоа била прикажана загуба од нешто повеќе од 700.000 евра. Сопственик е извесен струмичанец Драги Механџиски, а компанијата располага со три складови за трговија на големо со текстил, од кои два во Кисела Вода и еден во Струмица. До 7 јули „Дианита“ била 511 дена под блокада на УЈП, од каде до тогаш биле испратени 23 извршни решенија во вредност од 5,65 милиони евра.

Обвинителството за гонење на организиран криминал минатиот месец објави дека оваа фирма е поврзана со мрежата на компании на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кои од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ.

Следна е ПИНЕ Груп ДООЕЛ Скопје, фирма која е блокирана од УЈП три години, а должи 336 милиони денари или 5,5 милиони евра и УЈП извести дека во тек е присилна наплата на парични средства.

Шести најголем должник е фирмата Грофлер ЛТД ДООЕЛ Скопје која должи 5 милиони евра, од кои 250.000 евра по основ на данок на добивка.

Струмичката фирма Гимаши Компани ДООЕЛ Скопје должи 294 милиони денари по сите основи.

Чешката фирма, „СГСМ оил и гас сервис“, односно нејзината подружница чија основна дејност е трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење должи на УЈП 4 милиони евра, речиси сите по основ на ДДВ.

Уште една фирма на бизнисменот Крмзов од Струмица, Минтикос Текстил дооел Струмица е должник на УЈП со околу 3 милиони евра, а не поседува движен или недвижен имот за да може да се наплати.

Абира Плус дооел од Куманово има долг од нешто помалку од 3 милиони евра.  Кумановската компанија Абира плус до 2018-та била во сопственост на Трајче Заев, братучедот на поранешниот премиер Зоран Заев.

На најновата листа повторно се појавуваат 5.002 должници.Кај нив се забележуваат различни промени во висината на даночните обврски: 3.207 должници го зголемиле долгот за вкупно 177 милиони денари, 210 должници го намалиле долгот за вкупно 137 милиони денари, 1.585 должници имаат непроменет износ на долгот. Разликата меѓу пријавеното зголемување и намалување на долгот кај овие групи изнесува 40 милиони денари, што претставува нето-зголемување на нивните обврски во споредба со претходната листа.

На Листата бр. 11/2026 се евидентирани и 198 нови должници, чиј вкупен долг изнесува 130 милиони денари.

Од Управата за јавни приходи информираат дека при следното објавување на листата ќе бидат доставени информации за преземените мерки за наплата на обврските кај овие должници.

Истовремено, 138 должници од претходната листа, со вкупен долг од 156 милиони денари, повеќе не се наоѓаат на најновата листа.

Извор: Фокус.мк