
Обвинителството ќе постапи ако утврди елементи на кривично дело за Алта банка, порача Савески
Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан, порача денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески, но нагласи дека не може да открива дали во случајот со Алта банка е отворена предистражна постапка, бидејќи, како што рече, тоа е тајна согласно закон.
Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан, порача денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески, но нагласи дека не може да открива дали во случајот со Алта банка е отворена предистражна постапка, бидејќи, како што рече, тоа е тајна согласно закон.
Одговарајќи на прашања на пратениците на надзорната расправа во Собранието посветена на Алта банка, Савески рече дека без оглед кој повикува на постапување, Обвинителството има обврска да реагира секогаш кога ќе утврди елементи на кривично дело.
-Без оглед кој го повикува Јавното обвинителство да постапи во конкретна ситуација, Oбвинителството постапува во секоја ситуација, секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан. Доколку детектира кривично-правен настан, се утврдува идентитет на сторители и кое е кривичното дело – појасни Савески.
На прашањето на пратеникот Миле Талески дали е оформен предмет и дали се преземаат предистражни дејствија за Алта банка, Савески не даде конкретен одговор, посочувајќи дека не смее да изнесува информации доколку има предистражната постапка.
– Не споменав ниту дали има, ниту дали нема истрага. А доколку има или нема предистрага, за тоа не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна и тоа е моја законска обврска – истакна државниот јавен обвинител и нагласи дека законите важат еднакво за сите и дека секој што сторил кривично дело треба да одговара пред законот.
Одговарајќи на дополнително прашање дали би било покренато обвинение против премиерот Христијан Мицкоски за наводно давање лажен исказ на расправата, Савески рече дека обвинителските одлуки ги носат надлежните јавни обвинители врз основа на докази.
-Доколку имате докази за било какво сторено кривично дело од било кој, доставете ги до надлежното јавно обвинителство. Тоа е законска обврска на јавниот обвинител на кој ќе му биде распореден предметот да постапи и да донесе соодветна одлука – рече Савески.
На прашање на пратеникот Бране Петрушевски поврзано со јавните настапи на претставници на СДСМ и евентуалната кривична одговорност за ширење информации што можат да влијаат врз стабилноста на банкарскиот сектор, Савески оцени дека лажните вести претставуваат сериозен општествен проблем, но нагласи дека во моментов во Кривичниот законик не постои посебна кривично-правна заштита за такви случаи.
-Лажните вести се сериозен општествен проблем. Не е само кај нас, тоа е проблем насекаде. Меѓутоа, во која мера е потребна кривично-правна одговорност или е тоа слобода на изразување, тоа е проценка која може да ја направи јавното обвинителство, но во овој момент таква кривично-правна заштита во нашиот Кривичен законик не постои – изјави Савески.
Тој повтори дека јавниот обвинител нема избор кога ќе утврди дека во нечие постапување постојат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
-Секогаш кога Јавното обвинителство ќе утврди дека во нечие однесување се содржани елементи на конкретно кривично дело кое се гони по службена должност, јавниот обвинител мора да постапи – истакна Савески.
Датумот за одржување на продолжение на надзорната расправа и распоредот на искази, Комисијата за финансирање и буџет ќе ја утврдува дополнително на координација.