
Петар со демант до Андонов: Средбата со Вартоломеј ја одбивме поради сомнежи во организацијата
Митрополитот преспанско-пелагониски Петар ги отфрли тврдењата на професорот Оливер Андонов за причините поради кои не се реализирала планирана средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Во јавен демант по интервјуто на Андонов за „Слободен печат“, објавено на 9 ноември, Петар наведува дека се повлекол поради сомнежи во посредниците и во тоа дали средбата навистина ќе биде со патријархот.
Митрополитот преспанско-пелагониски Петар ги отфрли тврдењата на професорот Оливер Андонов за причините поради кои не се реализирала планирана средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Во јавен демант по интервјуто на Андонов за „Слободен печат“, објавено на 9 ноември, Петар наведува дека се повлекол поради сомнежи во посредниците и во тоа дали средбата навистина ќе биде со патријархот.
Андонов во интервјуто изнесе поинаква верзија: дека средбата била договорена и прифатена од Петар, но била откажана непосредно пред патувањето, со образложение дека се разболел преведувачот. Можната вмешаност на црковни и политички центри во откажувањето Андонов ја изложи како своја претпоставка.
Според професорот, комуникациите се одвивале во јули, а средбата требало да се одржи на 4 август, надвор од седиштето на Цариградската патријаршија. Тој тврди дека веќе резервирал хотелски соби и дека целта била во непосреден разговор со Вартоломеј да се потврдат претходно неофицијално пренесени можности за решавање на отворените прашања меѓу МПЦ-ОА и Фанар.
Петар, пак, во демантот нагласува дека иницијативата била на Андонов. Според митрополитот, професорот го информирал дека комуницира со личности со влијание кај Вартоломеј, но дополнителните информации за посредниците, менувањето на термините и предложеното место за средбата предизвикале недоверба.
„Од сигурни извори дознавме дека не била предвидена протоколарна тајна средба на Патријархот г.г. Вартоломеј и тоа беше конечниот знак да не ја прифатиме т.н. тајна средба“, наведува Петар.
Во реакцијата додава дека во последен момент било кажано оти средбата нема да биде во Патријаршијата, туку во хотел или ресторан преку Босфорот. Поради тоа, како што пишува, бил убеден дека евентуалниот разговор би бил со пратеник на патријархот, а не со самиот Вартоломеј.
Митрополитот го негира и објаснувањето за болниот преведувач. Неговата верзија е дека преведувачот се откажал откако бил информиран кои личности ја договарале средбата и каде требало да се одржи.
Една од клучните разлики меѓу двете верзии е кога архиепископот Стефан бил запознаен со иницијативата. Андонов раскажува дека Петар, непосредно пред планираното патување, го прашал дали да го извести поглаварот. Професорот вели дека му предложил прво да се одржи разговорот, а потоа да се пренесат ставовите на патријархот.
Во продолжение Андонов изнесува претпоставка дека информацијата стигнала од Петар до Стефан, потоа преку премиерот Христијан Мицкоски до Белград и Москва, од каде, според неговото толкување, дошло противење на средбата. Тој овој дел од излагањето го воведува со зборовите дека станува збор за негова „претпоставка“.
Петар ја отфрла таквата верзија како „ноторна невистина и фантастична измислица“, оценувајќи ја и како клевета кон споменатите цркви и премиерот.
„Ние го информиравме Н.Б. Архиепископот г.г. Стефан за обидот да се направи тајна средба со Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, но дури после една седмица по откажувањето на наводната тајна средба“, пишува митрополитот.
Демантот се однесува и на улогата на Андонов во процесот на добивање автокефалност од Српската православна црква. Петар ја оспорува сликата што, според него, професорот ја создава за сопствениот придонес и тврди дека Андонов немал средба со ниту еден архиереј на СПЦ. Сепак, наведува дека не ја исклучува можноста тој да дал одреден придонес.
Андонов, од своја страна, во интервјуто зборува за учество во неформални контакти и подготовки и оценува дека нерешените односи со Цариград претставуваат геополитички ризик за МПЦ-ОА. Негов став е дека непосредните разговори со Фанар се неопходни за затворање на отворените прашања.
Петар во реакцијата го повторува својот став дека не е на страната на Цариград, Москва или Белград, туку на Светото писмо, Преданието и црковните канони. Во завршницата потврдува и дека комуникацијата со Андонов е трајно прекината, нешто што професорот го посочува и во интервјуто.