
Македонка меѓу шесте најдобри во Европа: Кики Мукаетова е финалистка за престижна награда во технологијата!
Македонската телевизиска водителка Кики Мукаетова е меѓу шесте финалистки за престижната награда Aspiring Teen Award, во рамките на Women in Tech Europe Awards 2026 – европска манифестација што ги препознава и ги афирмира достигнувањата на жените во технологијата и сродните области.
Македонската телевизиска водителка Кики Мукаетова е меѓу шесте финалистки за престижната награда Aspiring Teen Award, во рамките на Women in Tech Europe Awards 2026 – европска манифестација што ги препознава и ги афирмира достигнувањата на жените во технологијата и сродните области.
Ова признание е наменето за девојки и млади жени на возраст од 13 до 21 година кои преку своите идеи, знаења, иницијативи и активности покажуваат потенцијал да придонесат кон развојот на технологијата и иновациите, но и кон поголема застапеност на жените во STEM-областите – науката, технологијата, инженерството и математиката.
Целта на наградата е да ги стави во фокус младите таленти кои уште во раната фаза од својот развој покажуваат иницијативност, лидерски способности и подготвеност да бидат инспирација за новите генерации.
Кои се шесте финалистки за Aspiring Teen Award?
Покрај Кики Мукаетова од Македонија, во конкуренција за признанието се уште пет млади девојки од Европа:
- Ајсел Будла од Албанија, основачка на платформата PulsePal;
- Ема Никол Георге од Романија, раководителка за социјални медиуми и односи со јавноста на AIIS Conference;
- Карла Монте Сихуро од Шпанија, студентка и истражувачка во Computer Vision Center;
- Ајше Ела Ерол од Турција, основачка и главна уредничка на MindScope Publication;
- Селма Атар од Франција, практикантка во меѓународната компанија L’Oréal.
Свеченото доделување на наградите Women in Tech Europe Awards 2026 ќе се одржи на 20 ноември во Париз, Франција. Победничката во категоријата Aspiring Teen Award ќе обезбеди пласман во финалето на глобалните Women in Tech Global Awards, со што ќе добие можност за уште поголема меѓународна афирмација.
Меѓународна иницијатива за поголема застапеност на жените во технологијата
Организатор на манифестацијата е Women in Tech Global, меѓународна организација основана во 2018 година во Париз од Ајуми Мур Аоки (Ayumi Moore Aoki). Нејзината мисија е да ја намали родовата нееднаквост во технолошката индустрија и да создаде повеќе можности за девојките и жените во науката, технологијата и дигиталната економија.
Организацијата има глобална мрежа со присуство во повеќе од 65 земји и 74 локални ограноци, а преку своите активности поттикнува образование, претприемништво, дигитална инклузија, менторство и еднакви професионални можности. Нејзината долгорочна цел е до 2030 година да ги зајакне капацитетите и можностите на пет милиони жени и девојки во STEM-областите.