
Објавен превод од романот „Недостоинство“ на авторката Леа Ипи
-Во книгата „Слобода“ (2021), преку личните сеќавања од детството во Албанија, го истражува преминот од комунизмот кон посткомунистичкото општество. Во „Недостоинство“ (2025), тргнувајќи од животната приказна на својата баба, ги преиспитува достоинството, историската неправда и границите меѓу личното сеќавање и историската вистина. Британското списание Prospect во 2022 година ја вброи Леа Ипи меѓу десетте најзначајни мислители во светот, соопшти „Или-Или“
Во издание на „Или-Или“ објавен е превод на романот „Недостоинство“ од Леа Ипи, универзитетска професорка која предава политичка теорија на Лондонската школа за економија.

-Кога Леа Ипи случајно ја открива фотографијата од медениот месец од 1941 година на своите баба и дедо, објавена на интернет, таа станува повод за вознемирувачки прашања. Кој била нејзината баба Леман? Како живеела во време на војни, окупации, падови на империи и диктатури? И што останува од вистината за еден човечки живот кога спомените избледуваат, а архивите, особено архивите на една репресивна држава, раскажуваат само дел од приказната? Тргнувајќи во потрага по одговори, Ипи се враќа во архивите на поранешната албанска тајна полиција и во сопствените семејни спомени. Меѓу документите и празнините во нив, меѓу она што може да се докаже и она што мора да се замисли, постепено се појавува портретот на една жена чиј живот го обликувале големите потреси на дваесеттиот век, соопшти „Или-Или“.
Посочува дека авторката со „извонредна книжевна смелост ја премостува границата меѓу мемоарот, историјата и фикцијата, поставувајќи едно едноставно, но длабоко прашање: што значи да му го вратиме достоинството на еден живот кога никогаш не можеме целосно да ја дознаеме неговата вистина?„
-По објавувањето на „Слобода“, книгата „Недостоинство“ е вториот превод на македонски јазик од Леа Ипи. Оваа книга доаѓа во период на голем интерес за авторката кај македонската читателска публика, особено по нејзиното неодамнешно гостување на фестивалот „Букстар“ во Скопје, информира „Или-Или“ за новата книга на Ипи, која од англиски ја преведе Кристина Димкова.
Леа Ипи е родена во 1979 година во Драч, Албанија, и е универзитетска професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics). Нејзин научен интерес се нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (особено Кант), марксизмот, критичката теорија, национализмот и интелектуалната историја на Балканот, особено на Албанија. Објавила бројни научни трудови во областа на политичката теорија.
Покрај академската работа, Ипи е авторка и на две книги што го поврзуваат личното и семејното искуство со пошироките историски и политички превирања.
-Во книгата „Слобода“ (2021), преку личните сеќавања од детството во Албанија, го истражува преминот од комунизмот кон посткомунистичкото општество. Во „Недостоинство“ (2025), тргнувајќи од животната приказна на својата баба, ги преиспитува достоинството, историската неправда и границите меѓу личното сеќавање и историската вистина. Британското списание Prospect во 2022 година ја вброи Леа Ипи меѓу десетте најзначајни мислители во светот, соопшти „Или-Или“.