
Трајановски: Алта банка е круна на корупциските скандали на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски
Скандалот со Алта банка е круна на владеењето на ВМРО, обележано со енормно задолжување, закована минимална плата и корупциски скандали, порача потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за „Слободен печат“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Скандалот со Алта банка е круна на владеењето на ВМРО, обележано со енормно задолжување, закована минимална плата и корупциски скандали, порача потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за „Слободен печат“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Тој нагласи дека СДСМ навреме предупредувал за сомнителниот капитал и побара одговорност од гувернерот, Народната банка и Владата.
„ВМРО ќе го памтиме по корупциските скандали во земјоделието и стопирање на ИПАРД-фондовите и на крај, како круна од еве нецелосниот тригодишен мандат, ќе дојде Алта банка, за која, ако се сеќавате, пред нецела година на прес-конференции и претседателот и другите членови од раководството држеа прес-конференции буквално за Алта банка и за преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка“, истакна Трајановски.
Потпретседателот на СДСМ потсети дека уште тогаш партијата јавно поставувала прашања за сопственикот и потеклото на капиталот, но наместо соодветна заштита, граѓаните денес се соочуваат со ограничен пристап до сопствените пари.
„Уште тогаш, ако се сеќавате на тие прес-конференции, прашувавме кој е сопственик на Алта банка, укажувавме на сомнителниот капитал што влегува во нашата држава. Укажувавме кој е Давор Мацура, кој сега и гувернерот, како и ВМРО, се плаши воопшто да му го изговори името. Уште тогаш укажувавме како тој го стекнал своето богатство“, рече тој.
Трајановски потенцираше дека надлежните морале навреме и целосно да ги проверат сопственоста и потеклото на капиталот, наместо сега да се обидуваат да се ослободат од одговорност.
„Кој ја понесува најголемата одговорност овде? Па нормално, тоа е гувернерот на Народна банка. Народна банка и секако Владата, затоа што ги изложила граѓаните за влез на капитал кој после година дена ја губи лиценцата во соседна Република Србија“, нагласи Трајановски.
Тој постави директни прашања за постапувањето на Народната банка и Владата.
„Дали е целосно испитано потеклото на капиталот, на тој капитал што влегува овде? Дали е испитано кој е сопственик на Алта банка? Јас не верувам дека Владата и Народната банка не знаеле кој е Давор Мацура. Па сега се амнестираат и првпат слушаат за тој човек“, рече потпретседателот на СДСМ.
Трајановски ја отфрли тезата дека опозицијата е виновна за вознемиреноста на граѓаните и посочи дека станува збор за луѓе кои не можат слободно да располагаат со сопствените плати, пензии и заштеди.
„И сега видете, ги оставате луѓето сопствените пари да не може да си ги извадат. Тоа се сопствени пари. Не им ги поклонила државата. Тоа се пари на луѓето. Добивале пензии, добивале плати. Голем дел од институциите државни се преку Алта банка“, подвлече тој.
Уверувањата дека состојбата е под контрола не се доволни додека граѓаните се соочуваат со затворени шалтери, проблеми со банкоматите и неизвесност.
„Не може да кажете дека ситуацијата е под контрола кога не ви работеа шалтерите на банките. Луѓето не можеа да пристапат да извадат пари. Не работеа банкоматите. Значи не може да кажете дека ситуацијата е под контрола“, порача Трајановски.
Тој нагласи дека суштинското прашање останува одобрувањето на влезот на Алта банка во земјата, додека сегашните мерки се обид за справување со последиците.
„Суштината на целиот овој проблем со Алта банка е влезот на Алта банка во Република Македонија. Не е суштината сега што ќе се прави. Сега ова се консеквенции кои ќе проба државата да ги решава“, истакна тој.
Трајановски порача дека СДСМ ќе продолжи да бара одговорност за случајот.
„А одговорноста ние ќе ја побараме и преку интерпелација до господинот Трајко Славески“, нагласи потпретседателот на СДСМ, додавајќи дека одговорност, вклучително и кривична, ќе се бара и пред надлежните институции.