Научниците во ЦЕРН пронајдоа докази за исклучително редок распад на субатомска честичка

Физичарите од меѓународниот експеримент „LHCb“, кој се спроведува во рамки на Големиот хадронски судирач (LHC) во ЦЕРН, соопштија дека пронашле докази за исклучително редок распад на субатомска честичка, по кој трагаат повеќе од четири децении. Станува збор за распад на мезонот B0, краткоживеечка честичка која содржи b-кварк, на два миона – потешки честички слични на електроните.

Физичарите од меѓународниот експеримент „LHCb“, кој се спроведува во рамки на Големиот хадронски судирач (LHC) во ЦЕРН, соопштија дека пронашле докази за исклучително редок распад на субатомска честичка, по кој трагаат повеќе од четири децении. Станува збор за распад на мезонот B0, краткоживеечка честичка која содржи b-кварк, на два миона – потешки честички слични на електроните.

Според Стандардниот модел на физиката на честичките, овој процес би требало да се случи приближно еднаш на секои 10 милијарди распади на мезонот B0, поради што неговото регистрирање е исклучително тешко.

Во научниот труд објавен во списанието „Physical Review X“, истражувачите пријавиле поголем број забележани појави во споредба со очекуваното ниво на позадински појави, со статистичка значајност од три стандардни девијации. Откако резултатите ќе се комбинираат со претходните податоци од експериментот, статистичката значајност се зголемува на 3,2 стандардни девијации.

Физичарите нагласуваат дека резултатот претставува доказ за постоењето на овој процес, но не и негово конечно научно потврдување, бидејќи сè уште не е достигнат статистичкиот праг што се бара за прогласување ново научно откритие. Новите податоци покажуваат дека измерената стапка на овој распад изнесува приближно 1,26 на 10 милијарди распади, додека пак, Стандардниот модел предвидува вредност од околу 1,03 на 10 милијарди. Комбинираниот резултат кој ги опфаќа и претходните мерења, изнесува 1,14 на 10 милијарди распади.

Потрагата по овој исклучително редок распад започнала во 1984 година, кога експериментот „CLEO“ го поставил првото ограничување на неговата веројатност. Но, научниците го проучувале и сродниот процес-распадот на потешкиот мезон B0s на два миона. Тие измериле веројатност од 3,31 на милијарда, во споредба со предвидувањето на Стандардниот модел од 3,66 на милијарда. Според истражувачите, станува збор за најпрецизното мерење од ваков вид досега.

При процесот, тие го измериле и ефективниот животен век на мезонот B0s кој изнесува 1,42 пикосекунди, додека пак Комбинираниот резултат со претходните податоци изнесува 1,60 пикосекунди.

Физичарите истакнуваат дека понатамошните и уште попрецизни мерења би можеле да помогнат во откривањето можни отстапувања од Стандардниот модел, како и да обезбедат нови сознанија за фундаменталните закони што управуваат со природата.

– Овој резултат ги покажува извонредните можности на експериментот LHCb во проучувањето на природата на нејзиното најосновно ниво, заклучи професорот Тим Гершон од Универзитетот во Ворик.