Франција се подготвува за нови протести, овојпат за повисоки плати

Француските синдикати денеска повикаа на нови протести, со барање за повисоки плати и против кратењето на социјалните расходи, а членството се мобилизира и за генерален штрајк.

Француските синдикати денеска повикаа на нови протести, со барање за повисоки плати и против кратењето на социјалните расходи, а членството се мобилизира и за генерален штрајк. Властите очекуваат неколку стотици илјади учесници на протестите.

Засилено полициско присуство треба да спречи повторување на насилството што ги одбележа претходните протести во средината на октомври.

Се очекува повикот за штрајк да го прифатат вработените во јавниот сектор, но засега не е јасно колкави нарушувања ќе има во сообраќајот и патувањата низ Франција.

Националниот железнички оператор „Си-Ен-Ес-Еф“ очекува само мали нарушувања во меѓуградскиот железнички сообраќај, објавија медиумите. Засега не е јасно дали штрајкот на контролорите на летање значително ќе го наруши авиосообраќајот. Париското метро треба да сообраќа според редовниот возен ред.

Движењето „Жолти елеци“, како и ученичките и студентските организации, го поддржаа повикот за протести. Тие во изминатите три саботи организираа демонстрации против високите трошоци за живот и со барање за подобро образование.

Во меѓувреме, Владата се обидува да постигне компромис со демонстрантите. Министерот за економија, Ролан Лескјур, изјави дека Владата разгледува можност за дополнително зголемување на минималната плата, надвор од веќе предвиденото покачување во јануари 2027 година.

„Минималната плата опфаќа две прашања: висината и времето на зголемувањето. Во наредните денови ќе можеме да соопштиме нешто“, рече Лескјур.