
Народна банка демантира дека привремениот администратор Андовски ги издал лиценците за раководството на Алта банка
Во врска со објавените наводи на порталот „Трилинг“ со кои се доведува во прашање назначувањето на администраторот на АЛТА банка АД Битола, Народната банка најостро ги отфрла ваквите инсинуации.
Народна банка демантира дека привремениот администратор Андовски ги издал лиценците за раководството на Алта банка. Во продолжение во целост ви го пренесуваме демантот.
„Во врска со објавените наводи на порталот „Трилинг“ со кои се доведува во прашање назначувањето на администраторот на АЛТА банка АД Битола, Народната банка најостро ги отфрла ваквите инсинуации.
Согласно со член 57 став (1) точки 3 и 4 од Законот за банките, претходна согласност за именување членови на Управниот и Надзорниот одбор на банка дава Извршниот одбор на Народната банка, составен од гувернерот и вицегувернерите. Значи, согласностите за именување на членовите на органите на Банката ги донел Извршниот одбор на Народната банка, а не лицето кое сега ја извршува функцијата администратор.
Оттука, целосно е неосновано да му се припишува на администраторот одговорност за одлуки што ги донел друг, законски надлежен орган на Народната банка, и врз таа основа да се доведува во прашање неговото сегашно назначување и работење.
Ваквото претставување на фактите создава погрешна перцепција во јавноста и претставува обид за дискредитирање на администраторот преку припишување овластувања и надлежности што тој никогаш не ги имал“, стои во демантот од Народна банка.