Навроцки одржа консултации со партиски лидери околу спорот за Уставниот суд, опозицијата бара недоверба за Туск и техничка влада

Полскиот претседател Карол Навроцки вчера одржа консултации со политички претставници во врска со спорот околу Уставниот суд на земјата, што предизвика остра реакција од премиерот Доналд Туск, јавува ДПА.

Полскиот претседател Карол Навроцки вчера одржа консултации со политички претставници во врска со спорот околу Уставниот суд на земјата, што предизвика остра реакција од премиерот Доналд Туск, јавува ДПА.

Двајцата лидери се вклучени во интензивен судир по потезите на владата за промена на составот на судот.

„Државната безбедност, почитувањето на демократијата, социјалниот мир и јавниот ред се фундаментални вредности“, напиша Косињак-Камиш на Икс пред средбата. Тој наведе дека токму за овие прашања планира да разговара со претседателот.

Со Навроцки се сретна и Шимон Холовња, лидер на партијата „Полска 2050“, која е коалициски партнер на Туск.

Партијата „Левица“, која исто така е дел од владејачката коалиција, ја одби поканата на претседателот. Според полските медиуми, партијата „Граѓанска платформа“ на Туск не присуствуваше на средбата.

Исходот од разговорите засега останува нејасен.

Од друга страна, полската опозиција најави покренување на иницијатива за недоверба на владата на премиерот Доналд Туск, додека политичката и уставната криза во земјата дополнително се интензивира.

Поранешниот премиер Матеуш Моравјецки предложи формирање привремена влада која ќе ја води земјата до нови парламентарни избори.

„Поднесуваме предлог за недоверба на владата на Доналд Туск“, објави Моравјецки на Икс.

„Нашиот предлог е техничка влада предводена од Марек Јурек, кој би останал на функцијата до изборите каде што ќе се одлучува за новото парламентарно мнозинство“, додаде тој.

Марек Јурек е поранешен претседател на полскиот парламент, а Моравјецки верува дека тој треба да ја води преодната администрација по евентуалниот пад на владата на Туск.

Прв во Претседателската палата вчера пристигна министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш, лидер на христијанско-конзервативната Полска народна партија, која е дел од владејачката коалиција на премиерот Доналд Туск.

Во телевизиско обраќање доцна синоќа премиерот Туск го критикуваше појавувањето на Навроцки во судот.

„Владеењето на правото се разликува од ’законот на џунглата‘ по тоа што силата и дрскоста не се она што одредува кој е во право“, изјави Туск, пренесува германската агенција.

Туск додаде дека владеењето на правото значи оти судиите не смеат да бидат заплашени од некој „агресивен насилник“ кој се обидува да ги застраши.

Навроцки, кој припаѓа на спротивен политички табор од Туск, во петокот вечерта се врати во главниот град откако беше заминат во посета на Сенегал, по што насилно влезе во зградата на судот, која претходно беше обезбедена и оградена. На една видеоснимка се гледа како полскиот претседател, инаку поранешен боксер аматер, употребува сила за да влезе во судот.

Пред судот во Варшава од петокот вечерта се собираат демонстранти кои ја обвинуваат владата на Туск, која припаѓа на левиот центар, за поткопување на Уставот и судството во земјата, откако претседателот на судот и неговиот заменик беа суспендирани.

Туск, исто така, вети дека ќе ја спроведе докрај реорганизацијата на судот, наведувајќи дека должност на владата е да ја обезбеди сигурноста и условите за работа на судот, потсетува ДПА.