
„Алта банка од сигурна банка за два дена остана без дозвола за работа – Банка за перење пари стекнати со криминал“, вели во своето соопштение опозицискиот СДСМ и наведува што се случуваше во Србија со одземањето на дозволата за работа.
Според податоците на Народната банка на Србија, на 30 јуни 2026 година граѓаните, стопанството и другите клиенти во банката имале депонирано 172 милијарди динари, односно околу 1,47 милијарди евра.
Повлекувањето на пари започнало уште во вторник. За еден ден блокадата достигна милијарда динари.
„Сопственикот Давор Мацура, според објавените информации, подигнал 37 милиони евра во кеш од трезорот со дозвола на гувернерката. Недостигаат околу 20 отсто од депозитите. Во петокот ноќта во 2 часот дошло до судир на гувернерката и сите вицегувернери кои го напуштиле состанокот. Во банката влегол Еуроџаст.
Во Србија јавни претпријатија како ЕПС, Телеком Србија, ‘Србијагас’, ‘Ер Србија’ и многу други, пари на општини и државни институции биле префрлани во Алта банка по налог на Вучиќ.
Истиот модел Мицкоски го наметна во Македонија. Јавни претпријатија, министерства и компании што учествуваа во криминални тендери имаат налог да работат со Алта.
Битола како град е во голема мера врзан за банката. Граѓаните уште вчера чекаа во редови. Банката го скрати работното време поради гужви за подигање пари и затворање сметки“, велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека Алта банка АД Битола е во речиси целосно сопственост на српската централа. Последиците од затворањето на матичната банка ќе се одразат на банката во Македонија.
Депозитите на физичките лица се осигурени до 30.000 евра. Депозитите на јавните претпријатија, на министерствата и на фирмите поврзани со тендери не се заштитени на ист начин.
„Мицкоски и гувернерот Славески лично одговараат пред граѓаните. Тие ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија. Тие го одобрија влезот и покрај јавните предупредувања за контроверзната природа на групацијата и за политичките врски.
Вчера Славески изјави дека е нормално банката да префрла енормни количини пари. Денес се гледа дека не е.
Бараме од Народната банка уште денес да упати контрола во Алта банка АД Битола, да ги суспендира гласачките права на сопственикот и да преземе сите законски мерки за заштита на депозитите на државата и на јавните претпријатија.
Бараме од обвинителството уште денес да отвори постапка против Мицкоски, против гувернерот Славески и против сите што учествуваа во процесите околу банката. Ова не е технички проблем туку систем за перење пари стекнати со криминал и корупција“.
На оваа соопштение реагираше ВМРО-ДПМНЕ наведувајќи дека Еуростандард банка бил „уништена“ во времето на СДСМ – во 2020. „Како една од главните причина беше наведено дека давањето кредити без соодветно покритие. Меѓу фирмите кои добиле големи кредити без покритие се и 29 струмички, меѓу кои и фирми блиски до тогашниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Трагите на парите од Еуростандард банка покажуваат дека зад нејзиното пропаѓање стојат функционери и фирми блиски до функционерите на СДС, на чии сметки завршувале парите кои граѓаните ги штеделе во банката“, велат од валдејачката партија.