Радев предизвика гнев во Романија. Го нарекоа „загубен путинист“

Бугарскиот премиер Румен Радев предизвика силно негодување во Букурешт, откако ја обвини Романија дека поттикнува дополнителни напади врз трговски бродови во Црното Море, со тоа што ја посочува Русија како агресор.

Бугарскиот премиер Румен Радев предизвика силно негодување во Букурешт, откако ја обвини Романија дека поттикнува дополнителни напади врз трговски бродови во Црното Море, со тоа што ја посочува Русија како агресор.

„Многумина мислат дека ако се посочи агресорот, нападите ќе престанат и дека тоа ќе ги заштити нашите територијални води од можни удари. Романското политичко раководство излезе со став: ’Не е важно што немаме докази; знаеме дека Русија е одговорна за овие напади и недвосмислено ја осудуваме‘. И, што се случи? Два брода беа погодени и потонати во романските територијални води“, изјави Радев на 26 октомври – два дена пред уште еден напад врз трговски брод во близина на Бугарија.

Поранешниот романски министер за одбрана, Михаи Фифор, ги оцени изјавите на Радев како изненадувачки и ја доведе во прашање тезата дека јавниот став на Букурешт предизвикал нови напади. Тој истакна дека за таква причинско-последична врска би било потребно сериозно образложение. Фифор нагласи дека Бугарија и Романија се сојузнички во НАТО и делат заеднички стратешки интереси во Црното Море, пренесува романската новинска агенција Медиафакс.

Реакцијата на романскиот политички аналитичар и новинар Богдан Циријак беше поостра. Во коментар за „DCNews“, тој ја опиша изјавата како шокантна, тврдејќи дека со ваквите обвинувања, бугарскиот претседател всушност не ја напаѓа само Романија, туку и Европската унија.

За време на едно телевизиско гостување, Киријак го употреби и изразот „апсолутно идиотска“, појаснувајќи дека тоа се однесува на изјавата на Радев, а не на самиот Радев.

За забелешките на Радев се осврна и угледниот медиум „Cotidianul.ro“.

„Сега, кога Унгарија излегува од ерата на Орбан и повеќе не може да служи како тројански коњ на Русите во рамките на НАТО, на хоризонтот покрај Дунав се појави нов кандидат за таа улога. Тоа е Бугарија, која влезе во ерата на Румен Радев – познат путинист“, пишува романскиот коментатор Еуген Шербанеску.

„Овој поранешен пилот на МиГ-29 (старите навики тешко се искоренуваат) се обидува да седи на две столчиња – истовремено на она на НАТО и ЕУ, и на она на Кремљ и Путин. Тој тоа го нарекува ’критички прагматизам‘, но во реалноста, станува збор за дволичност која навистина предизвикува гадење“, додава медиумот.

Написот на Шербанеску носи наслов „Rumen Radev o ia puțin razna“ („Румен Радев малку излезе од колосек“).