СЗО очекува Ковид нивоата да се покачат во текот на летото

Светската здравствена организација очекува „високо ниво“ на инфекција со Ковид-19 во Европа и повика на следење на вирусот откако бројот на заразени се зголеми за трипати за еден месец.

„Откако земјите низ Европа ги укинаа рестриктивните мерки што беа во сила, вирусот ќе циркулира на високо ниво ова лето“ – изјави генералниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге.

Тој потенцираше дека вирусот нема да исчезне само затоа што државите престанаа да го следат.

„Продолжува да се шири, да се менува и да убива“ – нагласи Клуге.

Предводен од подваријантата омикрон БА.5, коронавирусот се шири во педесетина земји кои припаѓаат на европскиот дел на СЗО, а оваа недела тие се приближија до дневната бројка од 500.000 новозаразени.

На крајот на мај таа бројка беше 150.000, според податоците на СЗО.

Во текот на зимата дневно имаше меѓу четири и пет илјади смртни случаи, додека сега бројот на смртни случаи е на ниско ниво од околу 500 дневно, колку што имаше во летото 2020 година.

Речиси сите европски земји имаат пораст на бројот на заразени, а предначат Португалија, Луксембург, Франција, Грција, Кипар, Германија и Австрија.