Борис Тадиќ: Чекав 14 години ова политичко ѓубре да си оди, СНС ќе се распадне

Поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, изјави дека цели 14 години го чекал моментот кога Александар Вучиќ ќе ја загуби власта, оценувајќи дека изборниот пораз на Српската напредна странка (СНС) ќе доведе до распаѓање на партијата која повеќе од една деценија доминираше на српската политичка сцена.

Поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, изјави дека цели 14 години го чекал моментот кога Александар Вучиќ ќе ја загуби власта, оценувајќи дека изборниот пораз на Српската напредна странка (СНС) ќе доведе до распаѓање на партијата која повеќе од една деценија доминираше на српската политичка сцена.

Во интервју за телевизијата Н1, Тадиќ порача дека најважната задача по политичките промени е демонтирање на постојниот систем на владеење и воспоставување функционални институции. Сепак, предупреди дека промената на власта не смее да се претвори во политичка одмазда.

„Чекам 14 години ова да се случи – ова политичко ѓубре да ја напушти власта. Вучиќ, кој сите луѓе од опозицијата и медиумите ги нарекуваше ѓубре, усташи, никаквеци и со секакви други имиња, ме принудува да кажам дека тие се ѓубре. Но, тоа не значи дека сега треба да се одмаздуваме. Треба да воведеме ред во државата“, изјави Тадиќ.

Тој нагласи дека политиката никогаш не ја доживувал како средство за стекнување лична моќ и дека за него политичкиот ангажман не подразбира задолжително извршување висока државна функција.

„Никогаш не сум се гледал себеси како некој што по секоја цена мора да има функција или да биде на чело“, рече поранешниот српски претседател.

Осврнувајќи се на политичката кариера на Александар Вучиќ, Тадиќ направи споредба меѓу околностите во кои двајцата влегле во политиката.

„Јас влегов во политиката во време кога луѓето умираа поради политиката, додека Вучиќ влезе во политиката за да биде на власт – и само на власт“, изјави тој.

Според Тадиќ, губењето на политичката моќ ќе биде особено тежок удар за Вучиќ, имајќи предвид дека, како што оцени, неговата политичка кариера е целосно поврзана со желбата за владеење.

„Не знам како ќе го преживее ова, но познавајќи го, мислам дека ќе му биде многу тешко. Му посакувам сè најдобро, но истовремено посакувам Српската напредна странка што поскоро да исчезне“, рече Тадиќ.

Поранешниот шеф на српската држава смета дека изборниот пораз ќе предизвика сериозни внатрешни потреси во СНС и постепено распаѓање на политичката структура која беше основен столб на владеењето на Вучиќ.

Според него, партијата не функционира врз основа на цврсти идеолошки и програмски принципи, туку нејзиното опстојување во голема мера зависи од интересите на тесен круг влијателни поединци.

„Ова е партија која е во сопственост на неколку луѓе. Кога тие ќе почнат да се занимаваат со сопствениот капитал и кога ќе преовлада таквата логика, Српската напредна странка ќе се распадне“, изјави Тадиќ.

Тој очекува дека по губењето на власта, во СНС ќе започнат внатрешни поделби, а од постојната партиска структура би можеле да произлезат повеќе помали политички групации.

Сепак, Тадиќ предупреди дека евентуалното распаѓање на владејачката партија само по себе нема да биде доволно за суштински промени во Србија.

Според него, неопходно е да се воспостават институции кои ќе функционираат независно од политичките центри на моќ, а одговорноста за евентуалните злоупотреби треба да се утврдува преку законски постапки, а не преку политички реваншизам.

Тој смета дека по изборниот успех на „Студентската листа“, приоритет на новата власт треба да биде враќањето на правниот поредок, зајакнувањето на институциите и демонтирањето на системот изграден за време на 14-годишното владеење на Српската напредна странка.

Како што нагласи, политичките промени ќе имаат вистинско значење само доколку доведат до суштинска промена во начинот на управување со државата, наместо едноставна замена на едни политички функционери со други.