Учество на претседателот Пендаровски на третата сесија на состанокот на Северноатлантскиот совет

Во рамки НАТО Самитот во Мадрид, претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на третата работна сесија на состанокот на Северноатлантскиот совет.

 

Сесијата на ниво на шефови на држави и влади, со која претседаваше генералниот секретар на НАТО, беше посветена на заканите и предизвиците кои произлегуваат од јужното соседство на НАТО Алијансата.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека како што е наведено во Стратегискиот концепт на НАТО се соочуваме со глобални и меѓусебно условени закани. Тероризмот, потенцираше претседателот, во сите негови форми и појави е најдиректната асиметрична закана за безбедноста на нашите народи, а особено го користат трети страни кои сакаат да го прошират нивното присуство и да го наметнат своето влијание преку хибридни закани и политички притисоци.

Во таа насока, претседателот истакна дека е потребно НАТО да продолжи со практичната поддршка и зајакнување на капацитетите на земјите-партнери, како и продлабочување на дијалогот со земјите-партнери на Алијансата, со меѓународните организации, ООН, ЕУ, и со другите релевантни регионални форуми и невладини организации.

Во дискусијата на состанокот, претседателот посочи дека ни е потребен широк консензус, со цел да развиваме функционална и предвидлива мултилатерална соработка, преку која ќе се овозможи мир и безбедност во 21 век.