Завршува француското претседателство со ЕУ, нема инфо за нов предлог за тргање на бугарското вето

Денеска завршува француското претседателство со ЕУ, а барем засега нема нова иницијатива за тргање на бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Владата во Скопје тврди дека сè уште не им бил доставен официјален предлог за надминување на спорот со Бугарија и за почеток на преговорите за членство, а во Софија, пак, молк откако минатата недела Парламентот го прифати „францускиот предлог“ и изгласа недовeрба на владата на Кирил Петков.

Француските дипломати во седиштето на ЕУ не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје по посетата на македонската делегација во Бугарија.

Процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Северна Македонија.

Македонската влада тврди дека официјален документ досега нема добиено и ги истакна своите црвени линии: јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, Уставот, протоколот, историјата.

Премиерот Ковачевски вчера на собраниската седница за пратенички прашања, повтори дека не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и не е прифатливо билатерални прашања да бидат вклучени во мултилатерални преговори со ЕУ.

„Историските прашања не треба и не можат да бидат критериуми за преговарачка рамка на Република Северна Македонија со ЕУ, ниту за која било друга организација. И второ, преговорите со Европската унија мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измените на Уставот со цел внесување на Бугарите Црногорците, Хрватите да станат дел од Преамбулата. И трето, и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес на пристапување кон ЕУ“ – рече Ковачевски.

Медиумите информираа дека македонска делегација била во посета на Софија во понеделникот, но никој не соопштува конкретни резултати по средбите.

Вчера во Брисел се одржа состанок на амбасадорите на ЕУ. Нема информација дека Бугарија и Северна Македонија биле на дневен ред.

За евроинтергарацијата и за бугарската блокада, вчера во Мадрид на Самитот на НАТО разговараа претседателот Стево Пендаровски и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во соопштението од кабинетот на Пендаровски, се вели само дека останува силната и значајна поддршка од Германија за нашата европска интеграција и отворање на пристапните преговори со ЕУ. За францускиот предлог или за некое друго излезно решение, во соопштението ништо не се спомнува.

Невозможно е решавање на спорот со Софија до истекот на француското претседателство, смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Барањата на официјална Софија, според него, се премногу максималистички и среќен е што Скопје го одби францускиот предлог.

Франција денеска го завршува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Од 1. јули со ЕУ ќе претседава Чешката Република.