Украина успеа да ја реализира најголемата размена на воени заробеници од руската инвазија, обезбедувајќи враќање на 144 војници, вклучително и 95 бранители од фабриката за челик во Мариупол, а ослободувањето на исто толку војници го обезбеди самопрогласената проруска Народна Република Доњецк.
Украинската воена разузнавачка агенција (ГУР) информира дека повеќето украински воени затвореници биле тешко повредени, со прострелни рани, изгореници, скршеници и ампутирани екстремитети.
Русија не пријави размена на затвореници, но лидерот на Доњецката Народна Република изјави дека 144 сепаратистички борци, меѓу кои и руски војници, се ослободени.
„На Киев му предадовме исто толку затвореници од украинските вооружени единици, од кои повеќето се ранети“ – изјави Денис Пушилин.
Русија и сепаратистите држат во заробеништво уште неколку стотици украински борци, а Киев е особено загрижен за судбината на Азовската бригада. Во денешната размена имаше и 43 борци од таа единица.