Лидерите на НАТО ги поканија Финска и Шведска да се приклучат на Алијансата

НАТО ги покани Шведска и Финска да станат членки на воената алијанса, се вели во заедничката изјава објавена денеска на Самитот на НАТО во Мадрид. Во документот се посочува дека со приемот на Шведска и Финска тие земји ќе бидат посигурни, НАТО посилен, а евроатлантскиот регион побезбеден.

Русија, која досега беше идентификувана како сојузник, во соопштение е опишана како „најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“.

Се наведува и дека НАТО ветил дека ќе продолжи да дава помош за Украина и оти е усогласен пакет помош за модернизација на одбранбениот сектор на земјата.

Алијансата, исто така, одлучила значително да ја зајакне сопствената одбрана и способност за одвраќање. Во документот се наведува дека сојузниците се обврзале да распоредат дополнителни робусни сили со висока готовност на источното крило.

Во соопштението, НАТО ја опиша Кина како предизвик за интересите, безбедноста и вредностите на Алијансата и како земја која се обидува да го поткопа меѓународниот поредок заснован на правила.

Одлуката сега ќе оди на конечна ратификација до парламентите и законодавните тела на 30-те земји-членки. Лидерите на НАТО рекоа дека очекуваат процесот да се движи брзо, што ќе овозможи невидено брз пристап и покажување единство против Путин.

Гласањето за проширување, поврзано со значителни нови обврски кои ја зајакнуваат позицијата на силите на НАТО во Европа, го направија овонеделниот Самит еден од најпродуктивните во последните години.