
Тони Михајловски е годинашен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“
Истакнатиот македонски актер Тони Михајловски е годинашен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“. Признанието му беше врачено денес, на свеченоста одржана во големата сала на Општина Крива Паланка, за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура.
Истакнатиот македонски актер Тони Михајловски е годинашен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“. Признанието му беше врачено денес, на свеченоста одржана во големата сала на Општина Крива Паланка, за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура.
Пред почетокот на свеченоста, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, приреди прием за Михајловски во својот кабинет. Средбата помина во пријатна и пријателска атмосфера, со разговор за театарската уметност, значењето на фестивалот и богатиот творечки пат на годинашниот лауреат.
„Чест ми е да Ви го честитам ова заслужено признание. Со Вашиот исклучителен талент, незаборавните улоги и повеќедецениската посветеност оставивте траен белег во македонската култура. Ви посакувам уште многу успешни улоги и силни аплаузи. Чувствувајте се како дома, затоа што ние веќе Ве чувствуваме како свој“, истакна градоначалникот Митовски.
Крива Паланка, која во 2024 година ја понесе титулата „Град на културата“, продолжува со силен интензитет да вложува во уметноста и културниот развој. Поддршката на значајните културни манифестации, творците и уметничките вредности останува важен дел од заложбите за збогатување на културниот живот во општината.
Со повеќе од три децении богато творештво, бројни уметнички остварувања и автентичен актерски печат, Тони Михајловски се вбројува меѓу највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена. Неговиот творечки пат е обележан со исклучителна сценска енергија, силен темперамент и ретка способност за преобразба.
Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот придонес во македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“.
Во своето обраќање, Михајловски зборуваше за сцената како свето место, за изведбата како дел од животот и за театарот како уметност што ги надминува времето и границите.