
Вучиќ, во пресрет на неговата оставка, најави помилувања и аболиции
„Мислам дека дел од луѓето учествуваа во се што се случи во земјата во последната година и пол, од двете страни. Многумина ќе бидат изненадени од помилувањата и аболицијата“, рече тој.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска објави дека ќе донесе одлука за помилување и аболиција за некои лица за настаните од изминатата година и пол, без да прецизира поименично за кого ќе се однесува.
Вучиќ, кој претходно најави дека вечерва ќе поднесе оставка, за РТС изјави дека се уште работи на одлуки за помилување и аболиција.
„Мислам дека дел од луѓето учествуваа во се што се случи во земјата во последната година и пол, од двете страни. Многумина ќе бидат изненадени од помилувањата и аболицијата“, рече тој.
Тој додаде дека една одлука ќе важи за оние кои имаат осуда, а друга одлука за оние кои немаат осуда.
„Верувам дека ова ќе придонесе и за помирен живот и подобро дружење за сите“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека ја напушта таа позиција горд на постигнатите резултати и дека никој не може да му го одземе тоа, наведувајќи дека во изминатите 10 години против него е спроведена кампања на дехуманизација каква што не е видена никаде во светот. Тој потсети дека дури и кога бил премиер, изјавувал дека сам ќе поднесе оставка од функцијата и дека никој нема да го разреши, да го смени на улица.
Тој рече дека доколку победи на вонредните парламентарни избори на 25 октомври, ќе ги разгледа и предлозите на одредени кандидати од опозицијата за реформи во државата.
Зборувајќи за изборната ноќ, Вучиќ рече дека е загрижен за информациите што ги добил.
„Загрижен сум што ги добивме првите информации дека некои луѓе однадвор ќе соработуваат со некои луѓе од тука, дури и од државниот апарат, кои треба да создадат некаков скандал, дали треба да пукаат во воздух, за да тоа биде причина за немири“, рече Вучиќ.
Тој рече дека „властите ќе откријат се и ќе ја завршат работата како што треба“.
Доколку Александар Вучиќ, како што најави, поднесе оставка од функцијата претседател на Србија денеска навечер тој автоматски ќе биде заменет од Ана Брнабиќ, вршител на должноста претседател на Собранието. На тој начин, таа ќе стане третата жена во Србија која би била вршител на должноста претседател, по Наташа Мициќ и Славица Ѓукиќ Дејановиќ, и првата личност што ги извршува трите најважни функции во Србија.
Законот во Србија, исто така, бара нови избори за претседател да бидат распишани во рок од 90 дена од оставката на претседателот. Од денот на распишување на изборите до денот на гласањето не може да поминат помалку од 30, ниту повеќе од 60 дена.