Никола Димитров – вицепремиерот за европски прашања утринава во „Утрински брифинг“ рече дека Американците се важен фактор и во регионот, но се главен партнер и на Европа во контекст на НАТО. Тој посочи дека вчера Ескобар истакнал дека Македонија е кредибилен партнер и дека САД можат да помогнат.
„Мислам дека мораме да учиме од искуството, оти ние немаме кабает за тоа што не сме почнале преговори. Мораме да ја штитиме нацијата и да не шириме лажна надеж. Ескобар вели дека сега влогот станува преголем. Ако нема преговори за интеграција, пораката е џабе решавате проблеми и тоа е многу сериозно за регионот“ – вели Димитров.
Тој посочува дека се чека формирањето на новата бугарска влада за да продолжат разговорите.
„Неблагодарно е да се зборува пред рака, треба да се разговара со новиот министер. Она што е добра вест доаѓа од Скопје, ние имаме усогласеност со опозицијата дека преговорите со ЕУ треба да започнат. Курсот ќе остане. Секој политичар си носи свои политики, со Заев ја искачивме големата планина со Преспанскиот договор. Како земја сме пред раскрсница, ќе направиме сѐ што можеме да дојдеме до достоинствен излез од оваа мака што има потенцијал да ја смени атмосферата во целиот регион, но за жал, не исклучувам и негативно решение“ – рече Димитров.