Јапонија со нов демографски рекорд: Старите лица сочинуваат речиси 30 проценти од населението

Уделот на населението во Јапонија на возраст над 65 години достигна нов рекорд од 29,6 проценти, додека бројот на вработени постари лица е на највисоко ниво досега, според податоците од јапонското Министерство за внатрешни работи.

Уделот на населението во Јапонија на возраст над 65 години достигна нов рекорд од 29,6 проценти, додека бројот на вработени постари лица е на највисоко ниво досега, според податоците од јапонското Министерство за внатрешни работи.

Министерството ги објави податоците пред Денот на почитување на старите лица, што се слави во Јапонија денеска – 21 септември.

Според проценките, на 15 септември во Јапонија живееле околу 36,24 милиони луѓе над 65 години, што е за околу 20.000 повеќе од лани. Меѓу нив имало 15,71 милиони мажи и 20,54 милиони жени. Лицата над 65 години сочинувале рекордни 29,6 проценти од вкупното население, што е за 0,2 процентни поени повеќе отколку во 2025 година. Тие сочинуваат 26,3 проценти од вкупниот број мажи и 32,6 проценти жени.

Според проекциите на ОН, Јапонија има најголем процент на стари лица меѓу 39 земји со повеќе од 40 милиони жители.

Според друго истражување на јапонското Министерство, бројот на вработени над 65 години достигна рекордни 9,43 милиони минатата година, што е за 130.000 повеќе од претходната година. Стапката на вработеност во таа возрасна група изнесуваше 26 проценти, што претставува зголемување од 0,3 процентни поени.
Стапката на вработеност беше 54,5 проценти кај лицата на возраст од 65 до 69 години, 36,2 проценти кај лицата на возраст од 70 до 74 години и 12,6 проценти кај лицата над 75 години, што се исто така рекордни вредности.

Министерството вели дека бројот на вработени постари лица би можел да продолжи да расте, бидејќи одредени индустрии се соочуваат со недостиг на работна сила.

Според Националниот институт за истражување на населението и социјалната сигурност (IPSS), се очекува бројот на стари лица во Јапонија да се зголеми на 39,4 милиони до 2045 година, што претставува 36,3 проценти од вкупниот број.

Јапонија е на прво место во светот по бројот на лица на возраст од 65 години и повеќе, дефинирани како „стари лица“, додека Италија е втора со 25,6 проценти, а Германија трета со 24,2 проценти.