
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека нема намера да се повлече од функцијата по поразите што неговата партија ги доживеа на неделните покраински избори и повторно ја потврди решеноста на владата да продолжи со реформите кои би можеле да бидат болни за најголемата европска економија.
Излезните анкети на јавниот сервис АРД покажаа дека демохристијанската ЦДУ на Мерц освоила само пет отсто од гласовите во Мекленбург-Предна Померанија, што е најслаб резултат на партијата во која било германска покраина од крајот на Втората светска војна наваму.
Мерц го оцени резултатот на ЦДУ како „катастрофа“, но настапи со пркосен тон и ја отфрли можноста за отстапување од владината реформска агенда. Според него, економските и политичките проблеми на Германија ги прават тешките и потенцијално непопуларни реформи уште понеопходни, а не помалку важни.
Тој вети дека ќе продолжи со реформите со „цврстина, истрајност и трпение“.
Излезните анкети покажаа дека партијата на канцеларот претрпела тешки загуби на изборите во две покраини одржани во неделата, што дополнително го зголемува притисокот врз политичарот кој се соочува со критики дека не успева да ги исполни ветувањата за заживување на најголемата европска економија и за сопирање на подемот на крајнодесничарската АфД.
Резултати од изборите во Мекленбург-Предна Померанија:
Според проекциите, ЦДУ ќе освои 5,5 проценти од гласовите во Мекленбург-Предна Померанија, претежно рурална покраина во источна Германија, која до обединувањето беше дел од поранешната комунистичка Источна Германија. Тоа би бил најлошиот резултат на партијата таму од Втората светска војна досега.
Во Берлин, ЦДУ според излезните анкети е на второто место со 20 проценти од гласовите, зад партијата Левица (Ди Линке), која има 24,5 проценти поддршка.
АфД бележи нов раст
Антимиграциската и кон Русија наклонета Алтернатива за Германија (АфД) забележа значителни придобивки на изборите. АфД успеа да победи во Мекленбург со освоени околу 37 отсто од гласовите, што е раст од над 20 проценти во однос на последните избори, пред социјалдемократите кои имаат околу 1 отсто помалку гласови. Во Берлин, каде досега владееше ЦДУ, АфД е трета најсилна партија со освоени 15,7 отсто од гласовите.
Гласањето се одржа само две недели откако АфД остана непосредно под прагот за апсолутно мнозинство во малата источногерманска покраина Саксонија-Анхалт, каде што партијата доби најголема можност досега да формира прва регионална влада на крајната десница во Германија по Втората светска војна.
Резултати од изборите во Берлин:
Авторитетот на Мерц беше сериозно нарушен по убедливиот пораз на ЦДУ од АфД на изборите одржани на 6 септември. Резултатот предизвика шок кај дел од германската јавност, која веруваше дека земјата развила отпорност кон национализмот и идеите за расна надмоќ по соочувањето со злосторствата на нацистичкото минато преку образовниот систем и законите што забрануваат прогон и дискриминација.
Седумдесетгодишниот Мерц дојде на власт пред 16 месеци со ветување дека ќе ја извлече економијата од долгогодишната стагнација. Сепак, досега не успеа значително да го подобри расположението во земјата, а неговата лична популарност бележи пад.
Притисок и од сопствената партија
Силниот резултат на АфД во Саксонија-Анхалт дополнително ја ослаби позицијата на канцеларот и на национално ниво.
Во изминатите две недели се појавија повици, дури и од редовите на неговата сопствена партија, Мерц да биде заменет на функцијата канцелар. Сепак, ниту еден од највлијателните функционери на ЦДУ јавно не побара негово заминување, а многумина предупредија дека не е време за „кадровски дебати“.
Очигледно очекувајќи тежок период по изборите, Мерц ја откажа планираната посета на Њујорк следната недела, каде требаше да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.
И покрај сè посилните политички ветрови против него, канцеларот повеќепати нагласи дека е решен да остане на функцијата и да го заврши својот мандат до крај.
(извор: АП)