Лефков поднесе кривична против Фрчкоски: Немам слабост ниту кон алкохол, ниту кон наркотици

Пратеникот Миле Лефков информира дека поднел кривична пријава до надлежното обвинителство, со која бара институциите да ги испитаат јавно објавените фотографии и изјави поврзани со Јон Фрчкоски.

Пратеникот Миле Лефков информира дека поднел кривична пријава до надлежното обвинителство, со која бара институциите да ги испитаат јавно објавените фотографии и изјави поврзани со Јон Фрчкоски.

Лефков наведува дека пријавата е поднесена електронски до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а ќе биде доставена и до архивата. Тој бара надлежните институции да утврдат што стои зад објавените фотографии и изјавата „Си пробал? Те сликале“.

Според Лефков, со пријавата се бара да се испита евентуалното постоење дејствија опфатени со членовите 215 и 216 од Кривичниот законик, како и дали постојат основи за примена на членот 364, кој се однесува на непријавување кривично дело.

Во објавата Лефков ги отфрла и обвинувањата упатени кон него за употреба на наркотични средства, наведувајќи дека никогаш не користел наркотични средства.

„Немам слабост ниту кон алкохол, ниту кон наркотици. Никогаш не сум користел наркотични средства и тоа е факт“, наведува Лефков.

Тој додава дека доколку постојат сомневања за сторено кривично дело, надлежните треба да постапат и да ги утврдат фактите.

„Од денес, за мене ова не е Фејсбук тема. Од денес, ова е тема за институциите“, порача Лефков.