
Студентите тргнаа во десетдневен велосипедски караван низ Србија пред изборите
Наместо кампања само преку интернет и медиумите, група студенти во Србија тргнаа со велосипеди низ земјата за десетдневна теренска акција пред вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Две колони се упатија од Белград кон северот и југот на земјата, со план да посетат десетици градови и непосредно да разговараат со граѓаните.
Наместо кампања само преку интернет и медиумите, група студенти во Србија тргнаа со велосипеди низ земјата за десетдневна теренска акција пред вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Две колони се упатија од Белград кон северот и југот на земјата, со план да посетат десетици градови и непосредно да разговараат со граѓаните.
Велосипедскиот караван е дел од предизборната кампања на Студентската листа, а една од главните теми на разговорите е почитувањето на Уставот и владеењето на правото.
Студентот Михајло Јовановиќ пред тргнувањето изјавил дека велосипедите им овозможуваат брзо движење и физичко присуство во голем број места за релативно краток период.
„Сакаме да покриеме што поголем простор и што поголем број граѓани да слушнат за нас. Но, не само да слушнат, туку и да нè видат, да се поздрават со нас и да видат дека навистина постоиме. Ние не сме некои деца од Инстаграм или од телевизија, туку студенти подготвени да прават промени во оваа држава“, изјавил Јовановиќ за Н1.
Двете групи тргнале од плоштадот Република во Белград, а маршрутите се поделени на северна и јужна. Северната колона се движи низ Војводина и Мачва, при што се опфатени Вршац, Зрењанин, Кикинда, Суботица, Сомбор, Нови Сад, Шабац и Лозница. Втората група се упатила кон градовите во јужниот дел на Србија.
Планирано е двете колони да се сретнат во Крагуевац. Студентката Лаура Живиќ објаснила дека градот не е случајно избран, бидејќи таму бил донесен првиот српски Устав.
Учесниците со себе носат три примероци од Уставот, што, според организаторите, е поврзано со бројот три под кој Студентската листа ќе се најде на гласачкото ливче.
Живиќ изјавила дека актуелната власт, според неа, постојано ги прекршува уставните одредби и оти основните права мора да бидат загарантирани за секој граѓанин.Организаторите очекуваат бројот на учесници да расте со продолжувањето на караванот. Според нивните проценки, заедно со граѓаните кои ќе им се приклучуваат по пат, бројот би можел да достигне околу 250 луѓе.
Целта на акцијата е мобилизација на гласачите пред изборите на 25 октомври, преку непосредни разговори со граѓаните на улиците и плоштадите за институционалната одговорност и владеењето на правото.