
Во силниот говор проследен со многу аплаузи, Лајен се заложи за Европа која ќе ги брани своите вредности, за вештачка интелигенција со хуман лик, за поголема енергетска независност, за обединетост кон заканите од Русија, за ребалансирање на односите со Кина и за градење нови партнерства. Притоа таа оцени дека ЕУ е во „најсилна“, но и во „најнесигурна“ состојба досега и го најави формирањето на Европски совет за безбедност, прв таков во историјата.
„Да нема сомневање. ЕУ ќе го брани секој сантиметар од европската територија“, порача Лајен.
Потоа, Фон дер Лајен се осврна на инвестициите и растот, како и на следниот буџет на ЕУ. Таа зборуваше за потребата од поедноставување и справување со фрагментацијата во областа на инвестициите, со цел да се помогне во финансирањето на европските стартап-компании. Притоа, особено го истакна успехот на „ICEYE“ – компанија за радарско сателитско снимање и вселенски надзор, основана од Финецот Пека Лаурила и Полјакот Рафал Моџевски, откако се запознале преку студентската програма за размена „Еразмус“ пред 15 години.
„Денес тие се една од водечките светски компании за вселенска технологија“, вели таа. „Вие сте вистинска европска приказна за успех“.
Зборувајќи за трговските односи на ЕУ со Кина таа рече дека се „неодржливи“ и треба да се ребалансираат. Според неа, трговскиот дефицит на ЕУ со Кина сега изнесува 1 милијарда евра дневно и „достигнал критична точка“.
„Некои велат дека се наѕира втор ’кинески шок‘, но тој е веќе тука. Тоа се гледа во нашите заедници и фабрики низ Унијата. Тоа води кон деиндустријализација во индустриските центри на Европа. Ова е неодржливо“.
Таа вели дека ЕУ „ќе ги искористи сите расположливи средства за да ги ребалансира односите“.
Во однос на потребата од диверзификација во однос на критичните суровини таа порача дека мора да се електрифицира Европа и да се реформира европскиот енергетски пазар. Таа рече дека „Европа не може да остане индустриска сила ако цените на енергијата се структурно превисоки“.
Таа наведе дека Унијата успешно се преориентирала кон домашни, почисти извори на енергија по целосната руска инвазија врз Украина, но сепак подоцна „болно ги почувствувала трошоците“ поради затворањето на теснецот Хормуз.
„Мораме да ги интензивираме напорите за достапна и домашна чиста енергија. Без разлика дали станува збор за обновливи извори или нуклеарна енергија, биометан или друго. Технолошки неутрално. Но, овие енергии мора да ни обезбедат независност и да ги намалат цените на енергијата“. Таа вели дека голем капацитет за обновлива енергија чека да биде приклучен и дека ЕУ треба да го забрза процесот на приклучување кон мрежата.
Зборувајќи за економијата таа оцени исто така декас „поттикнувањето на европската економија е приоритет број еден“, бидејќи Европа треба да ги искористи предностите на својот огромен пазар, како и на индустриите и услугите од светска класа. Таа рече дека единствениот пазар сè уште е премногу фрагментиран и дека се потребни дополнителни реформи, со цел тој да се заокружи до крајот на следната година.
„Во денешната економија, брзината е од клучно значење. Добивањето трајна дозвола или пополнувањето формулар, приклучувањето кон мрежата или одлуката за финансирање – сето тоа може да одреди каде ќе се реализира инвестицијата и каде ќе се отворат работни места. Мораме да дејствуваме многу побрзо“, вели таа. Притоа ја нагласи и потребата од поедноставување на правилата.
Во делот на надворешната политика Лајен предупреди на опасноста од антиевропските ултранационалисти и од Русија, кои како што рече „ги презираат нашите вредности“. Фон дер Лајен ја претставува ситуацијата како избор помеѓу „независна Европа која се залага за своите вредности во овој свет“ и „дозволување поделбите и зависностите да нè кочат“.
„Дали сакаме да се обединиме околу нашата европска идеја дека заедно можеме да одлучуваме за сопствената судбина? Или ќе дозволиме нашите демократии да бидат поткопани од застапници и марионети на авторитарни режими? Без разлика дали станува збор за ултранационалисти или антиевропски сили, за руско мешање или дезинформации – имињата можеби се различни, но целта им е иста. Тие ги презираат нашите вредности и сакаат да го урнат нашето европско единство. Затоа, не само што треба да се спротивставиме на тоа, туку треба и заеднички да се бориме за нашиот европски идеал“, рече Лајен.
„Се соочуваме со отворено непријателски свет“, додаде Лајен, оценувајќи дека „старите претпоставки и односи се нарушени“. Таа зборуваше за „територијална агресивна војна“ во Украина, за „борба за индустриски капацитети“ и „наративи“, како и за „вртоглавиот дискурс за промени и технологија“ што влијае врз животите на луѓето.
„Ова го гледаме во подемот на екстремите и губењето на нијансите, дури и во начинот на кој се однесуваме едни кон други. Овие реални грижи се користат како оружје за да се создаде раздор меѓу нас – понекогаш однадвор, но пречесто и однатре.Но, нашиот пат е јасен. Изградба на независна Европа која има моќ да дејствува. Ништо не може да нè одврати од тоа. Зашто, во овој свет, судбината на Европа мора да остане во рацете на Европејците“.
Притоа таа оцени дека ЕУ е „најсилна“, но и „во најнесигурна положба“ досега цитирајќи го на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција: „Беше тоа најдоброто време; беше тоа најлошото време“.
„Тоа е и соодветен опис на светот во кој живееме“, вели таа, додавајќи дека „брзината на промените е неверојатна. Би рекла дека состојбата на нашата унија е посилна од кога било досега. Но, истовремено, таа состојба може да делува и понесигурно од кога било. Овие две тврдења можеби изгледаат неспоиви, но и двете се вистинити и ги одразуваат овие исклучителни времиња“.
Таа рече дека Европа „одбрала да го трасира сопствениот пат“ додека се движи низ „сложената ера на… големи можности и… големи опасности“.
Европа се „ослободува од токсичната зависност од руските фосилни горива“, подобро е подготвена да се брани од кога било претходно и цврсто стои зад своите вредности, заедно со Украина и Гренланд, рече та,а заклучувајќи дека „во студената кревкост на денешниот свет, само Европа може да им обезбеди вистински суверенитет на Европејците“.
Лајен посвети голем дел од говорот и на пеколните жештини низ Европа годинава прогнозирајќи дека оваа можеби ќе биде најстудената година во однос на тоа што нѐ очекува во иднина. Таа нагласи дека „нашата идна благосостојба и безбедност во голема мера ќе зависат од тоа како ќе управуваме со клучните пресвртни точки: климатските промени и вештачката интелигенција“.
Во однос на климата, таа рече дека „ова лето беше лето на вистината“, при што „речиси ниту еден дел од нашиот континент не беше поштеден“. И наброја дека изгореле 660.000 хектари земјиште, изгубени се околу 12 милиони тони земјоделски култури, а забележани се и над 35.000 смртни случаи над вообичаениот просек.
„Сето ова е само вовед. Ова беше најжешкиот летен месец досега, но веројатно најстудениот од годините што доаѓаат“.
Таа најави дека ЕУ следниот месец ќе предложи нов пакет за климатска отпорност, како и посебен пакет за подготвеност за топлотни бранови, кој ќе вклучува правила за урбана адаптација и ладење. Притоа, пред парламентот оддаде почит на пилотот на хеликоптер кој загина гаснејќи шумски пожари во Грција.
Потоа, Фон дер Лајен се осврнува на безбедноста на водата и храната, нагласувајќи ги „ризиците од недостиг на вода за нашите земјоделци, малите и средни претпријатија, енергетиката и синџирите на снабдување“.
„Сепак, низ европските цевководи се губи речиси еден од секои четири литри вода, главно поради протекување. Какво расипништво.“
Таа им оддава признание на европските земјоделци за нивната издржливост ова лето и вети дека ќе ги „поддржува на секој чекор од нивниот пат“.
Потоа се осврна на шумските пожари, предупредувајќи дека тие „стануваат поинтензивни, почести и позастапени на пошироки подрачја“. „Мораме да размислуваме покрупно и да учиме побрзо“, вели таа.
Таа наведува дека ЕУ ќе работи на својата подготвеност и на правилата за постапување во вонредни ситуации. Таа особено оддаде почит на 46-годишниот дански пилот, Руне Ки.
Фон дер Лајен потоа преминува на темата за правата на жените, предупредувајќи дека „некои луѓе сакаат да направат чекор назад“ во таа област.
„Тие сакаат да нè вратат во времето кога жените беа граѓани од втор ред. Напорно се боревме за еднаков третман, еднакви можности и еднакви плати. Погледнете низ оваа сала. Конечно, тука сме многу: претседатели, потпретседатели, лидери на групи, комесари, пратеници во Европскиот парламент, вработени и службеници. Затоа, дозволете ми да испратам многу јасен сигнал и порака. Жените се тука и ќе останат тука. Ние ќе ги браниме нашите права. И ќе продолжиме да се залагаме за нашите вредности секој ден“.
Лајен потоа премина на прашањето за вештачката интелигенција. Таа вели дека ставот на Европа е јасен: Европа сака „максимално да ја искористи“ технологијата за да ги „подобри нашите општества, квалитетот на живот и продуктивноста“, но е свесна за „огромните ризици“ што доаѓаат со нејзиното воведување.
„Како што моделите од најновата генерација (т.н. ’frontier models‘) стануваат сè поспособни, така и овие ризици стануваат поизразени и сè повеќе доаѓаат во преден план“, вели таа.
„Извршните директори на најнапредните компании ни велат дека е време да се забави темпото кај моделите со способност за саморекурзија, за да се контролира развојот на оваа напредна технологија. Ако луѓето што ја развиваат технологијата имаат јасен став, тогаш и ние треба да имаме таков.“

Таа вели дека ЕУ ќе дејствува „заеднички и одлучно“ со партнери кои делат исти ставови, како Канада и Обединетото Кралство, работејќи особено на „евалуација и верификација на моделите, системи за рано предупредување и безбедност на вештачката интелигенција“.
Таа додава дека ЕУ ќе ги покани главните лаборатории што работат на овие напредни технологии на разговори за тоа како можеме да ги поддржиме тековните напори на индустријата за управување со темпото на развој.
„Исто како и со печатарската машина во минатото; таа беше измислена од германски пронаоѓач, но нејзината примена беше усовршена и проширена низ цела Западна Европа. Значи, не мора ние да ја развиваме самата напредна технологија за да бидеме оние што ќе извлечат најголема корист од неа. Клучот е во создавањето на вредноста што вештачката интелигенција сè уште ја нема испорачано.“
Таа рече дека ЕУ може да предводи во примената на технологијата во реални ситуации, без разлика дали станува збор за фабрички погон, болничко одделение, прецизно земјоделство или автономно возење. „Токму тука се крие вистинската вредност и тука Европа има големи предности“. Лајен особено ја нагласи примената на вештачката интелигенција во здравството.
„Дали сакам мојот лекар да има моментален пристап преку вештачка интелигенција до сите податоци потребни за да се донесе најдобрата одлука за дијагноза и третман? Да, секако. Но, дали сакам мојот лекар да биде робот … Не, се разбира дека не. Не сакам робот да ми каже дали имам рак или не. Поентата е дека вештачката интелигенција треба да им даде поголема моќ на лекарите, а не да ги замени“.
Таа вели дека пристапот на ЕУ е јасен: „ние сакаме вештачка интелигенција; сакаме таа да создава поголема вредност и да поттикнува поголема одговорност, притоа со пониски трошоци и помала потрошувачка на енергија“. „Но пред сè, сакаме вештачка интелигенција во која човекот ја задржува контролата. Тоа е суштината на европскиот пристап“.
Фон дер Лајен потоа се осврнува на миграцијата и, сосема очекувано, ја спомнува миграциската криза во Сеута. Таа рече дека „ранливите луѓе се искористувани од безобѕирни трговци со луѓе и криумчари, од нашите противници“. Таа им се обрати на Шпанците, велејќи: „Границата кај Сеута е европска граница, бидејќи Сеута е Шпанија и Сеута е Европа – а Европа ќе биде тука за вас“. Притоа рече дека на ЕУ ѝ се потребни нови правила за вонредни ситуации, „особено во сценарија кога масовните движења се вештачки предизвикани и се користат како оружје“.
„Затоа ќе предложиме нов европски инструмент за одговор при вонредни ситуации. Тој ќе се активира само врз основа на строго дефинирани критериуми. И во тие случаи, ќе овозможи временски ограничена и строго дефинирана флексибилност во однос на стандардните процедури“.
Таа вели дека пораката е јасна: „секогаш ќе ги почитуваме нашите вредности и основни права, но никогаш нема да правиме компромис во однос на заштитата на нашите граници, бидејќи ние, Европејците, сме тие што одлучуваме кој доаѓа во нашата Унија и под какви околности“.
Зборувајќи за состојбата во Газа, таа го нарече израелскиот проект за населбата Е1 „неприфатлив“. Според неа, „длабокото страдање во Газа и неконтролираното насилство од страна на доселениците на Западниот Брег длабоко ги погодија Европејците“.
„За многу Европејци е болно што земјите-членки не успеаја да го обезбедат потребното мнозинство за обединет одговор. Некои земји-членки веќе презедоа чекори. Други размислуваат да го сторат истото. Кога Европа е поделена, таа не може да го промени текот на настаните“, призна таа.
Лајен нагласи дека ЕУ „предничи во поддршката за Палестинците“ и дека ќе продолжи да го прави тоа и додаде дека „Европа го поддржува правото на Израел на самоодбрана, но палестинскиот народ има еднакво право да живее во безбедност и достоинство. Улогата на Европа е да го одржи жив пламенот на решението со две држави.“
Префрлајќи се на германски јазик, Фон дер Лајен премина на темата Украина. Таа рече дека „претстојната зима ќе биде тешка за Украина“, но додаде дека ништо не може да го скрши „украинскиот дух на отпор“. „Нашата задача останува да ѝ помогнеме на Украина најдобро што можеме“. ЕУ ќе работи на „воспоставување нова програма за заеднички проекти со украински компании“ и ќе работи на „заострување на санкциите кон Русија“.
„Она што е потребно не се нужно нови санкции, туку пред сè спроведување на постоечките. Нашите санкции… вршат огромен притисок врз руската економија. Русија прави сè што може за да ги заобиколи. Затоа, мораме да ги затвориме правните дупки.“
Таа ги спомена неселективните напади на Русија врз цивилното население во Украина.
„Ова е намерна стратегија на терор“, вели таа. Притоа таа раскажа приказна за едно украинско девојче по име Саша и нејзината издржливост при враќањето на гимнастиката откако ја изгубила ногата во руски напад.
„Само седум месеци по нападот, таа се врати во салата со својата нова протеза. Тренираше понапорно од кога било. Почна да освојува злато по злато. Ова лето патуваше низ светот со својата турнеја ’Танц на слободата‘. Нејзината цел е да му раскаже на светот за украинската издржливост и борбата за слобода“, вели таа. Саша беше присутна во салата и доби долги овации.

„Заканите на нашата територија се множат“, а заканата од Русија расте – предупредува Фон дер Лајен и повика на формирање „Европски совет за безбедност“. Фон дер Лајен потоа се осврнува на безбедноста, спомнувајќи ги неодамнешните инциденти во Литванија, Данска и Полска, кои се случија само во текот на оваа недела.
Таа додаде дека „хибридните закани со кои се соочува Европа сè помалку се хибридни и сè помалку се само закани“.
„Сајбер-саботажа, подметнување пожари, упади со дронови… Тие се интензивираат секојдневно.“ Таа оцени притоа дека подготвеноста на ЕУ мора да се зголеми, бидејќи постоечките системи се „создадени за поинаков свет“. Таа вели дека на ЕУ ѝ е потребен „сопствен прирачник за одговор на хибридни закани“ и начин за реагирање на инциденти што се случуваат непосредно под прагот на вооружена агресија.
Таа нагласи исто така дека „во оваа ера на пресвртни точки, нашиот просперитет и безбедност нема да се градат само дома“, при што се повика на новите трговски договори со Австралија, Индија, блокот Меркосур, Мексико и Индонезија. Во делот од говорот што несомнено ќе се толкува како критика упатена кон Доналд Трамп, таа рече:
„Овие партнерства претставуваат стратешки избор за Европа, но тие се и одговор на пукнатините во меѓународниот систем заснован на правила. За некои, решението е да дејствуваат самостојно. Но, за нас тоа не е опција.Европа секогаш ќе предводи кога станува збор за одбрана на системот заснован на правила. Но, веќе не можеме да се потпираме само на него за да ги заштитиме нашите интереси, ниту пак да претпоставуваме дека неговите правила ќе нè заштитат од сложените закани со кои се соочуваме. Во овој нов свет, мора итно да ги преиспитаме нашите партнерства и да изградиме глобални коалиции за нашата отпорност и демократии.“
Во тој контекст таа му посака добредојде на канадскиот премиер Марк Карни, истакнувајќи дека неговото присуство „е симбол на трајното пријателство меѓу нашите народи“.
„Марк, Европа и Канада веруваат во демократијата. Таа моќ не им припаѓа на најсилните, најбогатите и најгласните, туку на сите нас. Демократиите имаат слобода да изберат со кого ќе соработуваат. Затоа, доброволно ги здружуваме силите.“ Таа рече дека ЕУ сака да го „подигне партнерството со Канада на највисоко можно ниво“ и додаде дека ќе работат заедно на „отворање на вратата за Канада да стане прва придружна членка на Европската унија“.
„Ова не е партнерство насочено против никого. Туку за нашата заедничка сила“. Предлогот беше проследен со овации и стоечки аплауз.
На долгата листа на прашања што ги отвори Лајен се најде и проширувањето, но некаде при крајот при што главната порака беше упатена на Србија и на сите што ги величаат и слават воените злосторници, порачувајќи им дека жртвите од војните во бивша Југославија имаат право да бидат запаметени и испочитувани и дека во ЕУ нема место за вакви појави. Таа притоа најави дека на сите земји кандидати за членство од Западен Балкан ЕУ ќе им понуди патокази за влегување (road maps),но и јасна порака – дека вредностите за кои се залага ЕУ не се предмет на преговарање и дека за тие што слават такви како Младиќ нема место во ЕУ.
„Eвропската идеја е сè уште многу жива. Треба само да погледнеме кон Украина и Молдавија. Кон Западен Балкан. Треба само да погледнеме кон сите оние земји блиски до нашата Унија. И бидејќи нивната иднина е во нашата Унија, наскоро ќе предложиме патокази за земјите-кандидати што постигнале најголем напредок.
Овој процес и понатаму ќе се заснова на заслуги“, нагласи таа.
Потоа зборуваше за глорифицирањето на Ратко Младиќ во Србија:
„Бев згрозена од сликите од погребот на Ратко Младиќ во Белград минатата недела.
Тој изврши најстрашни злосторства против човештвото. Величањето на воените злосторници едноставно нема место во Европската унија. Сите жртви на војните во поранешна Југославија заслужуваат да бидат запаметени, а сите нивни семејства заслужуваат наше сочувство.Зашто тоа е она што го браниме како Унија: вистината, правдата и почитувањето на нашите вредности“.
Говорот на Лајен беше многу подолг од најавеното, а присуството на канадскиот премиер Марк Карни му даде историска димензија, па и чувство на свеченост. Иако не беше сосема експлицитна Лајен прати и јасна порака на тие што кокетираат со претседателот Доналд Трамп и неговата политика кон Европа, иако за разлика од лани и тој се најде на маргините на обраќањето на претседателката на Европската комисија како јасна порака дека ЕУ нема да ја следи САД и нема намера да се откаже од своите гледања и стрташки определби. На обраќањето Лајен му даде и човечки лик внесувајќи некои од „хероите“ во салата додека зборуваше за одредени прашања.
Еве го линкот до целото обраќање на Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент: