
Димитриеска Кочоска: Граѓаните се прв приоритет на оваа Влада, работиме за нивна максимална заштита и заштита на стопанството
Граѓаните се прв приоритет на оваа Влада, ние работиме за нивна максимална заштита, а истовремено заштита и на стопанството, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, за време на денешната престој на граничниот премин Табановце.
Граѓаните се прв приоритет на оваа Влада, ние работиме за нивна максимална заштита, а истовремено заштита и на стопанството, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, за време на денешниот престој на граничниот премин Табановце.
На новинарско прашање во врска со состојбите на глобалните пазари и можноста за нов ребаланс на државниот буџет, таа истакна дека во Министерството за финансии се анализира можноста за пренамена или ребаланс на буџетот.
– Секогаш носиме одлуки и мерки за граѓаните да живеат подобро. Во периодот кога го подготвувавме ребалансот состојбите беа помирни и не очекувавме дека ќе се движат во друга насока. Во Министерството за финансии ќе донесеме одлука дали ќе одиме само со пренамена или ќе правиме ребаланс на буџетот. Податоците што ги имаме заклучно со 10 септември покажуваат дека буџетот се полни согласно планираното, во делот на акцизите имаме одредени отстапувања, кај увозните давачки имаме раст од околу 10 проценти во однос на минатата година, кај ДДВ-то со 10 септември растот е 10,4 проценти во однос на минатата година, повратот на ДДВ-то е 10,1 процент во однос на минатата година или тоа се 2,5 милијарди денари повеќе вратено ДДВ во однос на претходната година, рече Димитриеска – Кочоска.
Таа додаде дека е исто и со данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите, а до крајот на неделава најави состанок со институциите од кои зависат приходите – Царинската управа и Управата за јавни приходи.
– Потоа, врз основа на нивни согледувања, ќе донесеме одлука дали ќе одиме со ребаланс или со пренамена. Но, доколку се одлучиме за ребаланс, тоа не е нешто што е непознаница бидејќи и во претходните години имаше кризи и се носеле по два ребаланса. Ваквите состојби не зависат од нас и не може да се предвидат, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
Од Министерството за финансии потврдија дека во овој момент не разговараат за други мерки, ги следат состојбите, а како што рече министерката Димитриеска – Кочоска, „апсолутно нема промени во задолжувањата и одиме како што е проектирано со ребалансот на буџетот“.