Нема законска можност за продолжување на притворот на газдата на „Пулс“

Сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, на почетокот од октомври ќе излезе од притвор, бидејќи истекува законскиот рок од една година, по оценка на обвинението, во кој може да се држи во истражниот затвор „Шутка“. Откако ќе излезе на слобода, судот има можност само да му одреди мерки на претпазливост.

Сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, на почетокот од октомври ќе излезе од притвор, бидејќи истекува законскиот рок од една година, по оценка на обвинението, во кој може да се држи во истражниот затвор „Шутка“. Откако ќе излезе на слобода, судот има можност само да му одреди мерки на претпазливост.

-Мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот, појаснуваат од кривичниот суд.

Оттаму појаснуваат и за останатите обвинети во случајот, од кои дел се бранат од слобода по понудени гаранции.

-Што се однесува до останатите обвинети во моментов активна мерка куќен притвор имаат обвинетите Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски, со тоа што кај обвинетиот Јане Јанчевски минатиот месец е прифатен предлогот за укинување на мерката куќен притвор со определување гаранција од над 33.000 евра во недвижен имот, кој е во фаза на впишување под хипотека, по што истиот ќе биде пуштен од куќен притвор, но со определени дополнителни мерки за претпазливост.

Во однос на другите обвинети за кои претходно беше определена мерка куќен притвор, за обвинетите Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев, мерките куќен притворот им се заменети со мерки за претпазливост и тоа на 12.06.2026 година за Стојанов, 17.07.2026 за Ѓорѓиев и 12.06.2026 година за Димитриев, но по вложена жалба решенијата се доставени на надлежно постапување во Апелациониот суд. Потребно е да се напомене дека жалбата не го спречува извршувањето.

Додека за прифатените гаранции, мерките куќен притвор определени против Тодор Јованов, е укината со определена гаранција од 319.154 евра во недвижен имот, додека за обвинетиот Беким Хаџиу гаранција од 849.602 евра, исто така во недвижен имот.
За сите обвинети кои им е укината мерката куќен притвор, судот им определи мерки на претпазливост кои истите, ги почитуваат и редовно се јавуваат на насрочените судски рочишта за што сте и самите сведоци како медиуми кои го следат судскиот процес, информираат од Кривичниот суд.