Реакции во странство: „Политички кошмар за Фридрих Мерц“
Како од странство се доживуваат изборите во Саксонија-Анхалт? Медиумите во голема мера го припишуваат изборниот успех на АфД на сојузната политика - и на непопуларноста на канцеларот Мерц, со последици и за Европа.
Како од странство се доживуваат изборите во Саксонија-Анхалт? Медиумите во голема мера го припишуваат изборниот успех на АфД на сојузната политика – и на непопуларноста на канцеларот Мерц, со последици и за Европа.
САД
„Волстрит журнал”: „Сигналот е јасен, дури и ако математички гласовите можеби нема да бидат доволни за владејачко мнозинство на АфД. Гласачите се уморни од етаблираните партии. Таквата фрустрација произлегува првенствено од либералната имиграциска политика што Берлин ја води веќе една деценија, почнувајќи од 2015 година и која се чини е тешко да се промени. Дополнително има и слабост на економијата, за која Берлин не најде ефикасен лек. (…) Лево-десната коалиција го парализира Мерц, чиј личен инстинкт во врска со економската и надворешната политика, всушност укажуваат на реформите кои ѝ се потребни на Германија.“
Франција
„Квест – Франс“: „Да се посведочи како (АфД, н.з.) ја добива поддршката на речиси секој втор гласач на гласачките места, е шок за милиони Германци, за кои АфД претставува закана за нивната демократија, навреда на ветувањето ‘никогаш повеќе’ и удар за сиот труд вложен во соочувањето со минатото. Ниту една друга земја не инвестирала толку многу во колективниот напор да се разбере историјата и да се одржи сеќавањето на неа со цел да се спречи повторување на минатото. (…) И Кремљ и Белата куќа се задоволни од овој резултат, кој ја ослабува водечката сила во Европа, а со тоа и самата Европа. Саксонија-Анхалт можеби е мала покраина, но последиците се значајни.“
Швајцарија
„Ноје цирхер цајтунг“: „Најлошиот кошмар на ЦДУ стана реалност: гласачите ја преполовија партијата. (…) Овие избори се гласање недоверба на партијата како целина, а не само на покраинскиот огранок во Саксонија-Анхалт. Анкетите јасно го покажуваат тоа. 86 проценти од изгубените гласачи изразуваат разочарување од канцеларот Фридрих Мерц и велат дека тој ветил премногу, а исполнил премалку.“
„Тагес Анцајгер”: „Покраински избори често го одразуваат расположението во однос на сојузната влада. Резултатот затоа е и пресуда за црно-црвената коалиција во Берлин – и лоша оценка за канцеларот Фридрих Мерц. Тој постојано зборуваше за тоа дека сака АфД да ја маргинализира преку неговото владеење. Сега партијата – која делумно е десноекстремна, го потврдува трендот на пораст во Саксонија-Анхалт. Уште поштетно за Мерц е што падот на ЦДУ е уште полош од очекуваното. Во потрагата по виновник, некои во партијата ќе се свртат кон него. Со својата непопуларност, германскиот канцелар ѝ наштети на предизборната кампања на конзервативците во Саксонија-Анхалт.“
Велика Британија
„Индепендент”: „Изборната победа на партијата претставува историски пресврт во германската политика, по години соработка меѓу партиите со цел крајната десница да се држи подалеку од власта. (…) Оваа победа е најголемиот успех во 13-годишната историја на АфД и се случува во време на широко распространето незадоволство од една непопуларна сојузна влада која досега не успеа да ги убеди гласачите дека може повторно да ја заживее ослабената економија на земјата. Освен тоа победата е симболичен удар за Мерц, чија партија од десниот центар владееше во Саксонија-Анхалт 24 години.“
Холандија
„Де Тијд”: „Изборниот резултат не е ништо помалку од земјотрес во политичкиот поредок на Германија по крајот на светската војна. (…) Успехот на АфД е во таа мера невообичаен што Германија постојано се соочува со своето нацистичко минато. Партијата е блиска до неонацистичкото движење, шири расистички теории на заговор и се залага за ‘ремиграција’ на лица со мигрантско потекло. Освен тоа, АфД следи исклучително проруски курс, додека пак сојузната влада неодамна предупреди од хибридна војна што ја води Москва. За гласачите тоа немаше никакво значење. За раководството на АфД од Саксонија-Анхалт тоа пак потврдува дека нивната стратегија функционира. Тие се фокусирани на сојузните избори пролетта 2029 година, кога според нив треба да се случи конечниот ‘пуч’.“
Италија
„Ла Република”: „Германија вчера испиша ново поглавје во својата историја и тоа е вознемирувачко. Во малата покраина Саксонија-Анхалт, во која живеат три проценти од германското население, огромното мнозинство гласачи го изневери ветувањето за ‘никогаш повеќе’. И за првпат од крајот на националсоцијализмот, една десноекстремна партија, Алтернатива за Германија (АфД), која ги користи слоганите и се потпира на нехуманите идеи од таа ера, е подготвена да управува со еден регион.“
„Кориере дела Сера”: „Триумфот на АфД е од историски размери, дури и ако партијата не дојде на власт. Уште пред такво нешто екстремната десница ја принуди цела Европа да го сврти погледот во нејзин правец до степен до кој Европа се чини хипнотизирана. Од мала лутеранска покраина, значајна во германската историја, но прилично маргинална во сегашноста, АфД сега се движи од периферијата кон центарот.“
Шпанија
„Ел Паис: „Сè што некогаш изгледаше утврдено сега се распаѓа, а многу од алатките што некогаш се користеа за ограничување на крајната десница, се покажаа бескорисни или дури и контрапродуктивни. Убедливата победа на АфД во малата источногерманска покраина Саксонија-Анхалт ќе го принуди демократскиот табор да ги преиспита стратегиите од последните години и одредени вистини што претходно се сметаа за неоспорливи, да бидат преиспитани. Копирањето на програмата на крајната десница, како што направија многу европски конзервативци, се покажа како неефикасно оти гласачите генерално го претпочитаат оригиналот.“
„Ла Вангардија”: „Десноекстремната АфД, која е уште поекстремна од другите европски десничарски движења, извојува неоспорна победа на изборите во германската покраина Саксонија-Анхалт и наскоро би можела да дојде на власт. Брзиот подем на партијата чии лидери флертуваат со нацистичкото минато и не ги кријат своите симпатии кон Русија на Владимир Путин, е алармантен на сојузно ниво, со оглед на тоа што АфД води на анкетите за општите избори, додека владејачките партии бележат загуби на гласачи. Вчерашниот резултат фрла нова сенка врз иднината на една уплашена Европа, непосредно пред француските претседателски избори, на кои исто така десно екстремната Марин Ле Пен се смета за фаворит.“
Полска
„Политика”: „Триумфот на АфД е политички кошмар за Фридрих Мерц, кој и онака е еден од најмалку популарните германски канцелари. (…) По изборите во неделата, новата покраинска влада мора да се формира во рок од 30 дена, како што предвидува германското право. Тоа значи дека следниот месец ќе биде фестивал на политички декларации без покритие, напади врз Мерц и дебати во врска со предвремени сојузни избори и потенцијална пропаст на сојузната влада. Ако се земе предвид и слабата економија, распадот на германскиот индустриски модел пред очите на светот и поголемата невработеност, сосема е можно сите да стоиме на работ на масовна германска криза која несомнено ќе се прошири низ целиот континент.“
Унгарија
„Непшава”: „Триесет и шест години по повторното обединување, Германија на економски план е многу пообединета. Но, преовладува чувството дека Истокот и Западот повторно се оддалечуваат еден од друг. Десноекстремната АфД ја искористува оваа поделба повешто од кој било друг чинител и тоа може да има драматични последици не само за Германија, туку и за цела Европа.“
Чешка
„Господарске новине”: „Напорите да се изолира АфД и да се држи подалеку од власта повикувајќи се на нејзиниот екстремизам, само дополнително ја зајакнуваат партијата. Покрај тоа, Унијата на тој начин самата се присилува на широки коалиции со партии од левата страна на политичкиот спектар. (…) Такви влади може да постигнат договор само за апсолутен минимум. Следствено на тоа незадоволството расте – дури и меѓу поддржувачите на ЦДУ.“
Грција
„Катимерини”: „Иако во голема мера очекувана, убедливата победа на Алтернатива за Германија (АфД) во Саксонија-Анхалт предизвикува нова тревога во Берлин и низ цела Европа. (…) Табуа од повоено време кои со децении беа демократски бедеми во свет со сè помалку демократски заштитни механизми, сега почнуваат да се тетерават под тежината на политичкиот развој во Германија.“