АфД: Зигмунд бара мнозинство, Вајдел цели кон Берлин

По убедливиот изборен успех во Саксонија-Анхалт, АфД се чувствува сигурна во победа и на сојузно ниво.

По изборната победа во Саксонија-Анхалт, водечкиот кандидат на АфД, Улрих Зигмунд, се стреми кон функцијата премиер на покраината. Резултатот на АфД претставува „сосема јасен мандат за формирање влада и тешко дека можеше да биде појасен“, изјави Зигмунд денеска (7.09) на прес-конференција во Берлин. Tој себеси се опиша како „можеби следниот премиер на Саксонија-Анхалт“.

За да обезбеди владејачко мнозинство во новоизбраниот покраински парламент, Зигмунд најави разговори со „поединечни пратенички групи или поединечни пратеници кои сакаат заедно со нас да ја преземат оваа историска задача“.

За таа цел, како што рече, „најпрво ќе им подадам рака на сите политички актери во парламентот на Саксонија-Анхалт“. Притоа, политичарот од АфД јасно стави до знаење дека неговата подготвеност за компромиси при формирањето влада има тесни граници.

„Сакам да останам верен на нашите вредности и на нашите програмски цели“, изјави Зигмунд. Тој ја разграничи АфД од ЦДУ, обвинувајќи дека ЦДУ заради учество во влади била подготвена да „ги разводни сите свои позиции“.

Истовремено, Зигмунд нагласи дека неговите амбиции по изборната победа се протегаат и надвор од границите на Саксонија-Анхалт. „Во наредните недели и месеци ќе ги вложам своите ресурси не само за да ја спасиме нашата прекрасна покраина, туку и да придонесеме тоа да го постигнеме во цела Сојузна Република Германија“, рече тој.

Според него, на Германија ѝ е потребна „сојузна канцеларка Алис Вајдел“, „за конечно да бидат поништени сите целосно луди и апсурдни политички одлуки што се носат овде во Берлин“.

Вајдел: Унијата никогаш нема да победи на нови сојузни избори
За амбициите на сојузно ниво во Берлин зборуваше и самата Вајдел. Копретседателката на АфД изјави дека на следните избори за Бундестагот, АфД ќе излезе како убедливо најсилна политичка сила и ќе добие јасен мандат за формирање влада.

„ЦДУ/ЦСУ никогаш повеќе нема да може да победи на избори за Бундестагот. Тоа е факт“, рече Вајдел. Според неа, предноста на АфД веќе изнесува 10 проценти. „Мојата јасна цел е тој јаз во најкус можен рок значително да се зголеми и да достигнеме најмалку 40 проценти на следните избори за Бундестагот.“

Вајдел изјави дека Германија посакува промена на политичкиот курс: „Ниту еден канцелар досега не бил толку непопуларен како Фридрих Мерц, кој стана голем товар за просперитетен развој на Германија.“

Според неа, тоа го покажале и изборите во Саксонија-Анхалт.

„Луѓето во оваа земја веќе не сакаат продолжување на досегашната политика со нелегална миграција, отворени граници, експлозивен раст на криминалот меѓу странците, одбиени депортации и катастрофална енергетска политика која доведува до едни од највисоките цени на енергијата во светот и до забрзана деиндустријализација што ѝ го крши ‘рбетот на Германија.“

Како дополнителни проблеми таа ги наведе високите даноци и давачки, премногу високите цени на горивата и еродирањето на образовниот систем.

Вајдел резултатот на својата партија го нарече „резултат од соништата“. Според неа, успехот се должи на исклучително високата мобилизација на гласачите кои претходно не излегувале на избори, придобивањето гласачи од други партии и рекордната излезност од речиси 80 проценти.

АфД победи убедливо на покраинските избори во Саксонија-Анхалт што се одржаа во неделата (6.09), но не успеа да освои апсолутно мнозинство. ЦДУ, со значителни загуби, заврши на второ место. Покрај БСВ, во покраинскиот парламент влегоа и СПД, Зелените и Левицата, додека ФДП остана надвор од парламентот.