
Во судница пуштени прислушувани разговори: Сопругата на судијата Ѓоко Ристов договарала средба со лице поврзано со обвинети
На судењето против апелацискиот судија Ѓоко Ристов денеска беа презентирани прислушувани разговори и пораки обезбедени со судска наредба, кои, според Обвинителството, покажуваат како биле договарани средби меѓу судијата и лица поврзани со обвинети во предмет за организиран криминал.
На судењето против апелацискиот судија Ѓоко Ристов денеска беа презентирани прислушувани разговори и пораки обезбедени со судска наредба, кои, според Обвинителството, покажуваат како биле договарани средби меѓу судијата и лица поврзани со обвинети во предмет за организиран криминал.
Обвинителката Искра Хаџивасилева соопшти дека женскиот глас кој се слуша во дел од разговорите е на Симона Ристова, сопруга на обвинетиот судија, која е државен правобранител. Според она што беше презентирано во судницата, таа комуницирала со лица поврзани со двајца обвинети за кривични дела поврзани со дрога, проституција и перење пари и договарала средба со нејзиниот сопруг.
Станува збор за податоци обезбедени со посебни истражни мерки од комуникацијата на Един Шеапи и Али Арифи, татко на двајца од обвинетите во предметот поврзан со угостителскиот објект „Ориент“. Тие биле следени поради сомнение за давање поткуп на судијата Ристов.
Во тој период Ристов бил судија во Апелацискиот суд и постапувал по предмет кој претходно се водел во Кривичниот суд за злосторничко здружување, проституција, неовластено држење дрога и перење пари.
Во еден од прислушуваните разговори од 5 мај 2025 година, Шеапи разговара со друго машко лице кое го прашува дали во текот на неделата ќе се сретне со лице кое во комуникацијата го нарекуваат „нишанот“.
Шеапи потврдува дека средбата треба да се случи и кажува дека чека „нишанот“ да му соопшти кога.
– Оваа недела мора да се заврши, со Господ напред – се слуша во разговорот презентиран во судницата.
Следниот ден, на 6 мај, Шеапи стапил во контакт со Симона Ристова и побарал средба. Според презентираната комуникација, тој ѝ кажал дека претходно ѝ пишувал и на Инстаграм, на што таа му одговорила дека целиот ден била во гужва.
Истата вечер Шеапи повторно ѝ испратил порака со која ја потсетил за договорот.
– Само да ве потсетам – ѝ напишал тој.
Околу 20 минути подоцна добил одговор:
– Да, за утревечер.
Шеапи потоа одговорил: „Благодарам, се слушаме“.
Комуникацијата продолжила и на 7 мај. Али Арифи, таткото на обвинетите во предметот, во разговор со друго машко лице кажал дека е „на чекање“, додека Шеапи во друг разговор навел дека претходниот ден се слушнал со „посредничката“.
Околу 13 часот истиот ден Шеапи повторно ѝ испратил порака на Ристова со зборовите: „Здраво, да ве потсетам“.
Во понатамошната комуникација таа му испратила локација: „Кај Хрватска амбасада“, на што Шеапи одговорил: „Благодарам“.
Подоцна, според разговорите презентирани од Обвинителството, локацијата на средбата била дополнително прецизирана со пораката „Кај кафичот“.
Оваа комуникација се одвивала непосредно пред средбата на 7 мај 2025 година меѓу Шеапи и судијата Ристов, за која во текот на постапката претходно била презентирана и видеоснимка.
Обвинителството со овие материјали настојува да ја прикаже комуникацијата и начинот на кој, според неговите тврдења, била организирана средбата со судијата кој во тој период постапувал по предметот.
На денешното рочиште претходно сведочеше и градежен инвеститор, кој изјави дека мајката на Ристов кај него уплатила повеќе од 400.000 евра за станови во објекти чија изградба сè уште не е започната.
Обвинителката Хаџивасилева посочи дека, според доказите на Обвинителството, 350.000 евра кои беа пронајдени скриени во ѕид не потекнуваат од оваа сума.
Симона Ристова извршува јавна функција како државен правобранител. Според досега објавените информации, во моментов нема посебна постапка против неа во врска со комуникациите презентирани на судењето.
Постапката против Ѓоко Ристов продолжува на 3 септември со изведување нови докази. Неговиот адвокат најавил дека го предложил Ристов да биде сослушан во текот на судската постапка.