Германија планира 99 нови дата-центри, а четвртина од нив се во региони со недостиг на вода

Независност, економски подем и нови работни места, сето тоа денес може да се види и во едно парче кафена земја. Веројатно така размислувал и германскиот министер за дигитализација Карстен Вилдбергер кога на 12 март 2026 година присуствуваше на свеченото поставување камен – темелник за податоци на американскиот технолошки гигант Мајкрософт во Северна Рајна-Вестфалија, пишува Дојче Веле.

Независност, економски подем и нови работни места, сето тоа денес може да се види и во едно парче кафена земја. Веројатно така размислувал и германскиот министер за дигитализација Карстен Вилдбергер кога на 12 март 2026 година присуствуваше на свеченото поставување камен – темелник за податоци на американскиот технолошки гигант Мајкрософт во Северна Рајна-Вестфалија, пишува Дојче Веле.

„Денес го поставуваме темелот на нов извор на сила, имено на компјутерската моќ“, изјави Вилдбергер.

Само шест дена подоцна неговото министерство ја објави Националната стратегија за центри за податоци, со цел до 2030 година капацитетите на ваквите објекти во Германија да се удвојат.

Центрите за податоци ги одржуваат облачните услуги во кои ги складираме нашите податоци, неопходни се за обука на системи со вештачка интелигенција, а учествуваат и во испраќањето на секоја електронска порака. Накратко, без нив денешниот дигитален свет не може да функционира.

Сепак, германското Министерство за дигитализација сè уште нема целосен преглед каде и какви центри за податоци се планираат низ земјата.

Истражување на НДР и „Зидојче цајтунг“за првпат покажува колкав е обемот на тековните развојни проекти во Германија. Анализата се темели на база на податоци подготвена од невладините организации „ФрагденШтат“, „АлгоритамВотч“, „Лајтмотив“ и „Хајсе Луфт Колектив“, која подоцна била проверена и дополнета од НДР и „Зидојче цајтунг“.

Според листата, Повеќе од една третина од новите проекти ги планираат или реализираат компании што не доаѓаат од Европската Унија. Најголем дел од нив се американски технолошки концерни.

Дополнително, четвртина од проектите се планирани во региони што веќе се соочуваат со недостиг на вода.

Истражувањето покажува дека многу од новите центри за податоци ќе бидат со огромни размери. Досега за големи во Германија се сметаа објекти со приклучок на електромрежата од пет до десет мегавати. Но, новата генерација носи сосема поинакви димензии.

Се работи за капацитети од 200 до 500 мегавати, а во некои случаи и повеќе од еден гигават.

Таквите гигантски проекти бараат значително повеќе простор, електрична енергија, инфраструктура и во одредени случаи многу поголеми количини вода. Промената е поттикната од растечката побарувачка за компјутерска моќ поврзана со развојот на вештачката интелигенција.

Од анализираните проекти, 36 идни центри за податоци во Германија се планирани или ќе бидат управувани од компании надвор од Европската Унија. Две третини од нив се од САД.

Американските компании истовремено стојат зад најголемите проекти. Кај центрите за податоци со капацитет поголем од 100 мегавати, дури 14 проекти се во сопственост или под контрола на американски фирми.

Поради тоа, целта за дигитална независност, односно германска контрола врз сопствените податоци, станува сè подискутабилна.

Ралф Хинтеман од Институтот „Бордерстеп“, кој ја советувал германската влада при изработката на националната стратегија за центри за податоци, предупредува дека Германија не смее да стане зависна од големи меѓународни концерни, особено од американските.

Според него, многу подобро би било да постојат европски и германски компании кои можат конкурентно да настапуваат на пазарот.

Зад бројни проекти што моментално се реализираат стојат компании како Амазон, Гугл и Мајкрософт, но и помалку познатата EdgeConnex. Тие инвестираат во Северна Рајна-Вестфалија, околината на Берлин и регионот на Франкфурт, каде се наоѓа DE-CIX, најважниот интернет-јазол во светот.

Нови проекти никнуваат и во руралните подрачја каде што деловното земјиште е поевтино. Еден таков пример е општината Шуби во покраината Шлезвиг-Холштајн.

Местото со околу 2.400 жители се наоѓа меѓу Кил и Фленсбург и е опкружено со обработливо земјиште. Таму наскоро би можел да се изгради центар за податоци со капацитет од неколку стотици мегавати.

Градоначалничката Петра Шулце ситуацијата ја опишува како „атмосфера на златна треска“. Во изминатите две години таа веќе примила повеќе потенцијални инвеститори.

Она што ги привлекува е големиот електроенергетски приклучок со трансформаторска станица.

Шулце сака да обезбеди најдобар исход за својата општина, но признава дека сè уште не е сигурна што точно значи тоа. Таа се информира, разговара со колеги и институции, но искуството со вакви мегапроекти е ограничено дури и кај повисоките административни нивоа.

„Каде е планската визија? Каде сакаме да стигнеме, каде сака да стигне Германија?“, прашува таа.

Градоначалничката се прашува и како една мала општина може рамноправно да преговара со мултинационални корпорации. Таа знае дека условите кои нема да бидат дефинирани на самиот почеток подоцна тешко ќе можат да се променат.

Прашањата за заштита на природата и за достапноста на водата остануваат особено важни.

Германското Министерство за дигитализација соопшти дека моментално се разгледува прирачник за општините за проценка на потенцијални локации за центри за податоци. Дополнителни насоки треба да бидат објавени на веб-страницата на министерството уште во текот на оваа година.

НДР и „Зидојче цајтунг“ ја споредиле листата на идни центри за податоци со достапните податоци за подземните води.

Резултатите покажуваат дека околу една четвртина од планираните проекти се наоѓаат во региони погодени од недостиг на вода, а во некои случаи состојбата е сериозна.

Можно е реалниот удел да биде уште поголем бидејќи за многу окрузи нема целосно валидни податоци за количините на користена вода.

Марина Кен од Германската агенција за животна средина предупредува дека и општините кои моментално не се соочуваат со воден стрес треба внимателно да ги анализираат водните концепти на идните центри за податоци.

„Како што видовме неодамна, состојбата може нагло да се промени и одредени региони одеднаш да се соочат со исклучително суви лета“, вели таа.

Кен повеќе од три децении се занимава со центри за податоци и нагласува дека секоја дискусија за нив мора да има долгорочна перспектива.

„Таквите објекти опстојуваат најмалку десет години, а често и многу подолго. Тоа мора постојано да го имаме предвид“, додава таа.

За да се разбере колкав може да стане овој бум, доволно е да се погледне искуството на Соединетите Американски Држави. Таму веќе функционираат гигантски центри за податоци во кои стандард е систем за ладење што троши огромни количини вода.

Притоа, топлиот воздух од серверите се лади со распрскување вода која потоа испарува и ја намалува температурата. Овој вид испарувачко ладење троши малку електрична енергија, па затоа е евтин и широко користен.

Недостатокот е што водата потоа неповратно се губи.

Според Кен, постојат и алтернативи, како климатизација со природни ладилни средства или ладење на чипови во затворен систем. Таквите технологии штедат енергија, не трошат вода и овозможуваат искористување на отпадната топлина.

Прашањето какви системи за ладење ќе користат центрите за податоци во региони погодени од недостиг на вода главно останува без одговор.

Само седум општини соопштиле дека планираат одржливи системи за ладење во затворен круг.

Слична е ситуацијата и со прашањето дали постојат планови за екстремно високи температури и долги топлотни бранови. Само пет општини навеле дека имаат подготвени мерки за такви случаи.

Од германското Министерство за дигитализација посочуваат дека достапноста на вода игра сè поважна улога при одлуките за изградба на центри за податоци и дека на ниво на Европската Унија веќе се работи на воведување соодветна ознака за одржливост.