Партијата на министерот Стоилковиќ го глорифицира Младиќ. ВМРО-ДПМНЕ молчи, СДСМ и ДУИ згрозени

На Фејсбук страницата на Демократската партија на Србите, чиј претседател Иван Стоилковиќ е министер за локална самоуправа, се појави глорификација на починатиот воен злосторник Ратко Младиќ.

На Фејсбук страницата на Демократската партија на Србите, чиј претседател Иван Стоилковиќ е министер за локална самоуправа, се појави глорификација на починатиот воен злосторник Ратко Младиќ.

Во текстот за смртта на злосторникот во Хаг пишува дека „Ратко Младиќ беше војник. Генерал. Човек кој својот живот го стави во служба на војската и народот на кој му припаѓаше.

Многу Срби го гледаа како свој генерал во тоа време.

Како човекот кој стоеше пред нив кога беше најтешко. И затоа многумина ќе го паметат така. Не по Хаг. Не по ѕидовите на затворот“.

Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор за воените злосторства што ги направи во војната во Босна (особено за масакрот на 8.000 мажи и момчиња во Сребреница). Неговата злосторничка улога беше препознаена во цела Европа. Како и националистичките кругови во Србија така и партијата на Стоилковиќ, која е дел од македонската влада, се смета за „херој“ на Србите.

Денеска со реакции на оваа глорификација се јавија СДСМ и ДУИ. А ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски молчат.

СДСМ реагира дека „за Иван Стоилковиќ Ратко Младиќ – осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото е величина и херој.

За него тој е ‘негов генерал’ – среде Македонија.

Ова е дел од поширока агенда: Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… ‘Српскиот свет’ сега и во форма на почитување на воениот злосторник.

Министер во Владата на Мицкоски јавно велича човек осуден за геноцид во Сребреница. Тоа не е ниту личен став, ниту ‘културна разлика’. Тоа е директна порака: во оваа Влада има место за оние кои ги слават воените злосторници од најмрачните страници на балканската историја.

СДСМ најостро го осудува овој чин.

Мицкоски мора да одговори – дали ова е официјален став на неговата Влада или личен испад на неговиот министер?“, велат од СДСМ.

Пораките од ДУИ се слични, но тие бараат одговори од партијата Вреди дали не им пречи да седат во иста влада со човек кој велича воен злосторник.

Величењето на Младиќ „ не е само прашање од минатото. Ова е криминален менталитет кој денес јавно се манифестира од страна на политички субјект кој е дел од власта. Овие не зборуваат за историја. Тие романтизираат личност осудена за некои од најтешките злосторства извршени во Европа по Втората светска војна.

И прашањето е едноставно:

Каде е Вреди?

Вреди нè доведе до оваа точка, каде што нивните владини партнери денес јавно жалат и глорифицираат личност осудена за злосторства извршени токму врз заедниците и цивилите.

Ова е двојниот стандард на Вреди. Ова не е ‘промената’. Ова е понижувањето што ни го сервиравте како промена. Партиите со ваков менталитет немаат место во управувањето со една мултиетничка и европска држава“, велат од ДУИ.