РКЕ ги објави тарифните блокови за новите сметки за струја, во среда и цените
Идејата зад новиот начин на пресметка на сметките за струја е тие што трошат повеќе да плаќаат поскапо. Скалестото тарифирање би требало да се однесува само на потрошената електрична енергија во висока (скапа) тарифа
Според денеска презентираните информации, би требало се воведат четири блока. Најскапа струја ќе плаќаат оние кои трошат повеќе од 1 050 kWh електрична енергија во скапа тарифа.
Регулаторната комисија денеска ги соопшти четирите тарифни блока кои ќе бидат клучни при пресметката на сметките за електричната енергија за домаќинствата. Според најавите, електричната енергија во пониските блокови ќе чини поевтино, додека оние што трошат повеќе ќе плаќаат поскапо.
При одредувањето на тарифниот блок ќе се зема во предвид само потрошената електрична енергија во висока тарифа (скапа струја):
прв тарифен блок: од 0 до 210 kWh;
втор тарифен блок: од 210 kWh до 630 kWh;
трет тарифен блок: од 630 kWh до 1 050 kWh;
четврт тарифен блок: над 1 050 kWh.
Денеска, сепак, РКЕ не ги соопшти и цените на електричната енергија по тарифни блокови. Тоа што може да се претпостави со голема сигурност е дека оние кои ќе бидат во четвртиот тарифен блок, ќе плаќаат пазарна цена на електричната енергија. За пример, струјата за домаќинствата во скапа тарифа во моментов е 7,32 денари додека пазарната цена е околу 15 денари за kWh.