Милошоски е главен иницијатор на тензиите во Собранието, велат од СДСМ

Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети, велат од СДСМ за денешната расправа на Комисијата за европски прашања, што резултираше со инцидент меѓу претседателот на Комисијата, Арбер Адеми од ДУИ и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владеачката партија, поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, „можеби затоа што лично е засегнат“, велат од СДСМ.

-Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. Бадијала се прават тензии, секој што се огрешил од законот ќе одговара!, стои во партиското соопштение.

За влакно денеска беше избегната тепачка. Адеми фрлал со чаша и тацна по пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, откако тие почнаа да му откорнуваат микрофонот. На видеото, споделено на социјалните мрежи, се гледа дека е расечена раката на Адеми.