Имало ли план за поделба на Македонија?

Одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор повторно го отвори прашањето дали во текот на вооружениот конфликт во 2001 година постоел план за етничка поделба на Македонија и колку далеку стигнале разговорите за него

Одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор повторно го отвори прашањето дали во текот на вооружениот конфликт во 2001 година постоел план за етничка поделба на Македонија и колку далеку стигнале разговорите за него, анализира „Цивил“.

Темата ја отворија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски на панел-дискусијата организирана од ДУИ на 13 август во Скопје, по повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Два дена подоцна реагираше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој ги оспори тврдењата за постоење документ за поделба.

Ахмети: Имав проект за поделба, но не го прифатив

На панел-дискусијата Ахмети порача дека, 25 години по конфликтот, политичките односи не треба да се сведуваат на „фолклор и емоции“, туку заеднички интерес треба да бидат мирот, стабилноста, безбедноста, напредокот и интеграцијата на земјата во Европската Унија. Во тој контекст, тој рече дека Македонија е негова земја и дека ја сака исто колку и македонските политички лидери.

„Ја сакам Македонија, господине Бучковски, колку што ја сакате и вие. Ова е мојата земја, мојот дедо, прадедо, баба и прабаба се тука. Ја сакам колку што ја сака Бранко Црвенковски, колку што ја сака Христијан Мицкоски“, рече Ахмети.

Тој порача дека достигнувањата на Охридскиот договор, меѓу кои ги посочи употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност, не треба да бидат уназадувани.

„Достигнувањата со Охридскиот договор се гарантирани од САД, ЕУ и НАТО. За тоа работевме заедно 20 години. Не велам дека тоа е само резултат на Албанците, не велам дека само Албанците победија со Рамковниот договор. Победи и македонската нација“, рече Ахмети.

Но, најголемо внимание предизвика неговото тврдење дека во текот на кризата во 2001 година лично добил проект за поделба на Македонија.

„Кога станува збор за прашањето на поделба, да, јас го имав проектот за поделба, господине Бучковски, и го имав одобрено од највисоките власти, но не го прифатив, бидејќи Албанците од Скопје немаше да бидат со мене. Јас ќе бев во Албанија, но Скопје, Куманово, Струга, Кичево, Прилеп, Велес – сите тие би биле надвор од границите на Албанија“, изјави Ахмети.

Во јавно пренесениот дел од изјавата Ахмети не прецизира од кои „највисоки власти“ бил одобрен проектот на кој се повикува.

Бучковски: Имаше тенденција да се освои територија и да се подели Македонија

Бучковски, кој во 2001 година беше министер за одбрана, понуди поинаква перспектива за почетокот на конфликтот. Според него, неговата почетна динамика не можела да се сведе исклучиво на барањата за поголеми права на Албанците. Тој ја нагласи и улогата на меѓународната заедница во пренесувањето на конфликтот од воена во политичка фаза.

„Вклучувањето на меѓународната заедница, првиот предлог на Роберт Фровик дека ќе дојде до разоружување и дека потоа треба да има сериозен политички процес, беше водено на начин кој го приближуваше и Ахмети од терорист, екстремист, водач на паравоената ОНА, да се трансформира во лидер на политичка партија, ценејќи го расположението на албанскиот етникум во тој момент“, рече Бучковски.

Според него, во почетната фаза постоела и територијална димензија.

„Не беше на почетокот отворен воениот конфликт само за правата на Албанците. Тлееше, веројатно – затоа сме разговарале и со господинот Ахмети – тенденцијата дека треба да се освои територија и да се направи обид да се подели Македонија“, рече Бучковски.

Тачи: Документ немало, приказната е производ на УДБА

На тврдењата на Ахмети реагираше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по оддавањето почит на поранешниот лидер на партијата и еден од потписниците на Охридскиот договор, Арбен Џафери.Тачи категорично негира дека постоел документ за поделба на Македонија и тврди дека станувало збор за идеја пласирана од кругови поврзани со српската тајна служба.

„За поделбата на Македонија не постоел документ. Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици, инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на Академијата на науките, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков не постои“, изјави Тачи.

Тој упати и директно обвинување кон Ахмети.

„На Али Ахмети тогаш УДБА му кажа: ова е патот по кој можеш да го урнеш политичкото организирање на Албанците. И тој зборува неврзано, дека наводно постоел документ“, рече Тачи.

Лидерот на ДПА најави и можност за правна постапка доколку Ахмети продолжи со ваквите тврдења.

„Го предупредувам уште еднаш: ако продолжи да зборува вака, ќе поднесам тужба, во име на Арбен Џафери, бидејќи вакво обвинување е недозволиво“, рече Тачи.

Идејата за поделба наспроти политичкиот договор

Контроверзата околу поделбата на Македонија не е нова, ниту е производ на денешните меѓупартиски пресметки. Во екот на конфликтот во 2001 година, тогашниот претседател на МАНУ, академик Георги Ефремов, излезе со предлог за размена на територии со Албанија и преселување население. Предлогот предизвика жестоки реакции и противење во политичката и граѓанската јавност.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година по седуммесечниот вооружен конфликт и со силно посредство на меѓународната заедница. Тој постави политичка и уставна рамка за прекин на насилството, унапредување на правата на заедниците, правична застапеност, децентрализација и употреба на јазиците. НАТО потсетува дека по потпишувањето следуваше операцијата „Essential Harvest“ за доброволно разоружување, додека ЕУ, НАТО, ОБСЕ и САД останаа директно вклучени во спроведувањето на договорот.

Според архивата на RFE/RL, Арбен Џафери во интервју за косовски телевизии во 2005 година изјавил дека тој и тогашниот премиер Љубчо Георгиевски повеќепати разговарале за можноста за мирна поделба на Македонија и дека такви разговори имало уште од 1998 година. Георгиевски тогаш го негирал овој дел од сведочењето и тврдел дека со Џафери првпат разговарал за темата дури откако весникот „Вечер“ во мај 2001 година објавил текст за размена на територии и население.

Георгиевски повторно ја отвори темата во интервју за „Фокус“ во 2023 година. Тој тогаш тврдеше дека повеќе станувало збор за размена на територии и население отколку за класична поделба, и дека идејата била дискутирана меѓу повеќе високи државни функционери и академици. Според неговото сведоштво, за неа разговарал и со Арбен Џафери, кој по извесно време му соопштил дека разговорите не можат да продолжат.

Оттука, достапните јавни извори не даваат основа без дополнителни докази да се заклучи дека постоел единствен, формално усвоен државен „план за поделба“ со статус каков што денес му го припишува Ахмети. Но, тие јасно покажуваат дека идејата за етничко-територијално прекројување на Македонија била реално присутна во јавниот и политичкиот простор во 2001 година и дека за неа се разговарало на високо политичко ниво.

Токму затоа полемиката меѓу Ахмети, Бучковски и Тачи отвора повеќе прашања отколку што затвора: што точно бил „проектот“ на кој се повикува Ахмети, кој го изработил и кој го одобрил; на какви разговори се повикува Бучковски кога говори за тенденција за освојување територија; и како тврдењето на Тачи дека не постоел никаков документ се вклопува со претходно документираните сведоштва за разговори за поделба и територијална размена, пишува „Цивил“.