
Вучиќ за Билд: „На почетокот сме на поголема војна“
Средбата на српскиот и украинскиот претседател Вучиќ и Зеленски предизвика реакции во Германија, Русија и регионот. Српскиот претседател предупредува на можност од поголем воен конфликт. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како еден од ретките шефови на држави во светот, сè уште одржува контакти и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува германскиот таблоид „Билд“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како еден од ретките шефови на држави во светот, сè уште одржува контакти и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува германскиот таблоид „Билд“.
Весникот пренесува делови од разговорот што Вучиќ го водел со директорот на издавачката куќа „Аксел Шпрингер“, во чиј состав е и „Билд“, Матијас Депфнер.
Во поткастот Вучиќ вели: „Мислам дека сме на почетокот на поголема војна“.
Според „Билд“, со приемот на Зеленски, Вучиќ ја „изненадил“ меѓународната заедница и предизвикал критики од Русија.
„Руските пропагандисти му префрлаат на овој Србин дека го издал партнерството со Русија и дека преку економски договор ѝ помага на Украина во војната против Русија“, наведува весникот.
Според Вучиќ, војната се наоѓа во „ќорсокак“, бидејќи „никој не сака мир“.
„Сите сакаат да ја видат спротивната страна поразена“, вели Вучиќ.
Во поткастот Вучиќ додава дека не би чекал целосно исцрпување на руските сили.
„Не знам како може да се победи Русија, мислам дека тоа нема да биде лесно. На крајот на краиштата, Русија е нуклеарна сила и не може некој едноставно да ја нападне. Ни треба компромисно решение, а не пораз на една од страните“, рекол Вучиќ.
Вучиќ за „хибридната војна“ и односите меѓу Западот и Русија
Весникот „Велт“ пренесува и други делови од интервјуто.
На прашањето на Депфнер за „руската хибридна војна“ против Европа, Вучиќ одговорил дека и Западот применува слични методи кон Русија.
„Ја вооружија Украина и ја оптоварија Русија со санкции. Истовремено, финансиски ја поддржаа Украина. Што е тоа ако не е хибридна војна против Русија?“, прашал Вучиќ.
Истовремено, тој се согласил дека Украина не ја започнала војната и дека не смеат да се измешаат сторителите и жртвите, пренесува „Велт“.
Германските коментатори за посетата на Зеленски на Белград
Михаел Мартенс, дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од Белград, пишува дека Вучиќ на прес-конференцијата „на дипломатски и учтив начин“ порачал дека е наивно уверувањето на Зеленски за брз прием на Украина во Европската Унија.
Според изјавите на двајцата претседатели, токму на оваа тема било посветено најмногу внимание за време на нивните разговори.
„Ако впечатокот не лаже целосно, двајцата претседатели навистина воделе отворени и доверливи разговори“, пишува франкфуртскиот весник.
Во текстот се наведува дека за Вучиќ станува збор за чувствително прашање и на внатрешен и на надворешнополитички план.
„Српските опозициски политичари деновиве изразуваа стравување дека претседателот, кој владее автократски, ќе ја искористи посетата за да освои поени кај ЕУ и да го одвлече вниманието од своите внатрешнополитички потези“, се наведува во написот.
Весникот додава дека надворешнополитичкиот позитивен ефект е проследен со политички минус на домашен терен.
„Србија е европска земја со најголема поддршка за рускиот претседател Владимир Путин и неговата војна. Таквото расположение со години го поттикнуваат и медиумите поврзани со системот на власта на Вучиќ. Затоа Вучиќ тешко може да добие политички поени кај своето најцврсто избирачко тело со оваа посета“, наведува Мартенс.
Во посебен краток коментар, Мартенс оценува дека Вучиќ не си направил услуга во Москва, особено во пресрет на новите преговори за испорака на гас. Сепак, посетата ја оценува како „знак на политичка храброст што треба да се цени“.
„Но, тоа не треба да ја спречи ЕУ внимателно да го следи она што се случува во Србија. Вучиќ одамна престана да се надева на членство на Србија во ЕУ, но сè уште гледа шанса за вклучување на Србија во заедничкиот европски пазар. Тоа е добра идеја. Но, на патот кон таа цел Србија, како и другите кандидати, мора да ги исполни политичките услови. Не смее да има попуст поради посетата на Зеленски“, смета Мартенс.
„Косово е жртвата“
Берлинскиот „Тагесцајтунг“, пак, коментира дека „големата жртва“ на состанокот во Белград е Косово, кое, како што наведува весникот, постојано покажувало солидарност со нападнатата Украина.
Според весникот, Украина го смета Косово за дел од Србија, а таквиот став индиректно бил потврден за време на средбата. За возврат, Србија признава дека териториите окупирани од Русија ѝ припаѓаат на Украина.
„Со тоа Украина за Србија станува цврст и траен сојузник во прашањето за Косово, што би можело да му обезбеди на Белград посилна преговарачка позиција кон Брисел во пристапниот процес, на сметка на Приштина и косовската независност“, заклучува весникот.