ДУИ: Владата на ВМРО-ВЛЕН додели околу 90% од грантовите наменети за спроведување на Охридскиот договор на српската заедница

ДУИ обвини дека распределбата на средствата од програмата за спроведување на Охридскиот рамковен договор претставува сериозен преседан и побара целосна транспарентност за начинот на кој биле доделени парите.

ДУИ обвини дека распределбата на средствата од програмата за спроведување на Охридскиот рамковен договор претставува сериозен преседан и побара целосна транспарентност за начинот на кој биле доделени парите.

Од партијата тврдат дека Владата, во која ВЛЕН е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, околу 90 проценти од средствата ги насочила кон организации од српската заедница.

„Охридскиот договор, кој произлезе од политичката борба за еднакви права, денес се користи за финансирање на приоритети што немаат врска со неговата суштина. Во исто време, Албанците остануваат без механизми за застапеност, се намалува употребата на нивниот јазик во институциите, се разрешуваат од раководни позиции и се заменуваат во државната администрација“, наведуваат од ДУИ.

Според партијата, ваквата распределба на средствата укажува на однапред утврдена владина политика.

„Кога речиси целата програма е насочена кон една категорија корисници, тоа отвора сериозни прашања за критериумите и начинот на одлучување“, велат од ДУИ.

Оттаму оценуваат дека случајот е особено чувствителен во услови кога, како што тврдат, влијанието на проектот „Српски свет“ е сè позабележливо во политичкиот, институционалниот, културниот и медиумскиот простор во земјата.

Во соопштението упатија прашања и до ВЛЕН, барајќи одговор што, според нив, добиле Албанците од учеството на оваа коалиција во Владата, доколку средствата од програмата за Охридскиот договор во најголем дел се распределуваат на други корисници.

ДУИ побара Владата јавно да ја објави целосната листа на корисници, висината на средствата доделени за секој проект, составот на комисијата што ја вршела евалуацијата, бодовите и записникот од процесот на одлучување.

Од партијата сметаат дека случајот треба институционално да се испита, нагласувајќи дека Охридскиот рамковен договор не смее да се користи за цели што, според нив, се спротивни на неговите принципи.

Воедно, ДУИ оцени дека молкот на ВЛЕН околу ова прашање претставува потврда за неговата улога во актуелната владина коалиција.