
Премиерот Христијан Мицкоски денеска обвини дека станува збор за „груба манипулација“ од еден јавен обвинител во Битола за враќањето на пасошот за обвинетиот бизнисмен Борче Марковски. И најави дека ќе има истрага за него, но не кажа од кого.
„Тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес и тоа нема така да заврши. Ако сакав да кажам име и презиме, ќе кажев име и презиме, не би сакал да шпекулирам со имиња и презимиња. Допрва ќе има истрага и ќе следи истрага за овој процес, затоа што од страната на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој којшто е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство овдека во Битола. Ова нема така да заврши“, изјави денеска Мицкоски за време на посетата на Битола.
Судскиот случај се однесува за злоупотреба со јавните набавки во РЕК „Битола“ и „Марковски компани“.
Според обвинението, пред три години, во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот, Пеце Матевски, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување.
Почетокот на судењето за случајот со Борче Марковски почнува на 2 септември во основниот суд во Струга. На 28 јули претседателот на Основниот суд Струга, судијата Вулнет Винца, рече дека „пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над 5 милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“.
Со реакција се јави обвинителството. Во реакцијата се вели дека по реферирањето во Вишото обвинителство во Битола тоа дали позитивно мислење околу барањето за враќање на пасошот. „Во конкретниот случај, барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој го задолжил понискиот јавен обвинител да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, се вели во реакцијата на ОЈО.