Нинова: Претседателската институција на Радев му е тесна и сака вистинска власт

Вицепремиерката во оставка и лидер на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова во интервју за БНТ ги критикуваше постапките на претседателот Румен Радев. Нинова го обвини Радев за пристрасни напади врз Владата на Кирил Петков, бидејќи се стреми кон поголема моќ.

Таа коментира дека претседателската институција на Румен Радев му е тесна и дека сака вистинска власт. Преодните влади од минатата година, преку кои тој владееше, му се допаднаа. Радев, според Нинова, се надевал дека со лансирањето на „Продолжуваме со промените“ на власт како лица на промените, ќе остане во позадина и преку своите луѓе кои учествувале во преодните влади на Бугарија ќе продолжи да ги влече конците и да владее со земјата.

Корнелија Нинова го коментираше предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија дека БСП се воздржа од гласање во Националното собрание бидејќи тоа не ги испочитувало целосно нивните т.н. црвени линии за Република Северна Македонија за спроведување на билатералниот договор. Во него се вели дека преговорите ќе започнат откако Скопје ќе го промени Уставот и ќе ги вклучи локалните Бугари во него, а тоа е добар предлог, според Нинова.

Сепак, додава таа, предлогот се однесува на билатерален протокол без истиот да биде потпишан од ниту една страна. Коментирајќи ја острата реакција на премиерот на Северна Македонија за предлогот на француското претседателство со ЕУ, Нинова рече дека бугарските интереси не се заштитени, бидејќи не е потпишан билатерален протокол.