
АХВ: Водата во Гостивар и натаму не смее да се користи, земени нови мостри
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се земени нови мостри од повеќе локации во Гостивар, додека забраната за користење на водата останува во сила сè додека надлежните институции не потврдат дека таа е безбедна за употреба.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се земени нови мостри од повеќе локации во Гостивар, додека забраната за користење на водата останува во сила сè додека надлежните институции не потврдат дека таа е безбедна за употреба.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека вчера биле земени примероци од јавна чешма во Гостивар, од две градинки, од Општата болница, од ресторан, како и од чешми во црква и џамија.
„Земени се мостри од јавна чешма во Гостивар, од чешми во две градинки, од Општата болница, ресторан, како и од црква и џамија. Институтот за јавно здравје треба да ги достави резултатите од испитувањата“, изјави Миланов.
На прашањето како функционира градот во услови кога водата не смее да се користи ниту за пиење ниту за подготовка на храна, особено во период кога се очекува зголемен број гости поради иселениците и свадбите, Миланов истакна дека инспекторите на АХВ се постојано на терен.
„Вчера и денес инспекторите работат 24 часа. Угостителските објекти мора да обезбедат технички безбедна вода. Доколку приборот или што било што доаѓа во контакт со храната се мие со водата од водоводот, ќе следуваат санкции“, рече директорот на АХВ.
Тој повтори дека водата од системот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар останува забранета за употреба.
„Водата не е употреблива сè додека не дадеме поинаква насока. За подготовка на храна и пијалаци, како и во болниците и јавните установи, мора да се користи технички безбедна вода, но не и водата од системот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар“, изјави Миланов.