Клековски: Над 3.100 лица побарале лекарска помош во Гостивар, заболени има од едногодишни деца до 80-годишници

Бројот на лица кои побарале лекарска помош поради стомачни тегоби во Гостивар се искачи на 3.100, соопшти денес министерот за здравство Сашо Клековски. Тој појасни дека бројката од над 1.200 заболени, која беше соопштена за време на викендот, била нецелосна бидејќи ги опфаќала само податоците од Општата болница Гостивар.

Бројот на лица кои побарале лекарска помош поради стомачни тегоби во Гостивар се искачи на 3.100, соопшти денес министерот за здравство Сашо Клековски. Тој појасни дека бројката од над 1.200 заболени, која беше соопштена за време на викендот, била нецелосна бидејќи ги опфаќала само податоците од Општата болница Гостивар.

„Во моментов имаме 3.100 здравствени контакти. Тоа ги вклучува сите јавувања и интервенции во Здравствениот дом Гостивар и Општата болница – телефонски повици, домашни посети на Итната медицинска помош, како и сите прегледани пациенти. Податоците што беа објавени за време на викендот се однесуваа само на Општата болница и не ги вклучуваа бројките од Здравствениот дом“, изјави Клековски.

Клековски повтори дека најверојатен извор на епидемијата е загадената вода. Како аргумент наведе дека меѓу заболените има деца на возраст од една до две години, но и лица постари од 80 години, од различни делови на Гостивар, поради што ја исклучува можноста причина за масовното заболување да биде храната.

Во Општата болница помош побарале 1.750 пациенти, додека во Здравствениот дом биле прегледани 1.392 лица. Од нив, 285 пациенти биле упатени од Здравствениот дом во болницата, а Итната медицинска помош извршила 112 домашни интервенции.

Во моментов хоспитализирани се четири лица – тројца возрасни и едно дете, додека уште еден пациент е згрижен на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Пациентите најчесто се жалат на стомачни проблеми, дијареја, повраќање, покачена температура и треска, а клиничката слика останува непроменета.

И покрај големиот број заболени, досега се поднесени 140 пријави за заразни заболувања и спроведена е 81 епидемиолошка анкета. Клековски ги повика граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби за да се утврди изворот на заразата.

Министерот потврди дека првите случаи биле регистрирани на 13 јули, но Министерството за здравство официјално било известено дури во петокот. Тој нагласи дека годинава случајот ќе биде целосно расчистен и ќе се утврди одговорност, за разлика од сличната епидемија во Гостивар во 2017 година.

Клековски откри дека анализите на примероците од водата од градскиот водовод се завршени и се доставени до Обвинителството. Поради тековната истрага не ги објавува резултатите, но повтори дека, според досегашните сознанија, најверојатен извор на заразата е загадената вода, бидејќи меѓу заболените има лица од сите возрасни групи и од различни делови на Гостивар, што ја прави малку веројатна можноста причината да биде храната.