
Меланија со јавен eмотивен повик за помош за институционална заштита од семејно насилство
Дипломираната физиотерапевтка Меланија преку видео на социјалните мрежи јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години таа и нејзиното семејство живеат во страв поради лице со психички нарушувања и зависност од алкохол.
Девојка, дипломирана физиотерапевтка и сертифициран терапевт за традиционална тајландска масажа Меланија, преку емотивна видео-објава на својот Инстаграм профил јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години живее во услови на семејно насилство, страв и институционална незаинтересираност.
Во своето обраќање, истакнува дека досега социјалните мрежи ги користела за теми поврзани со здравјето, холистичкиот пристап и духовниот развој, но овојпат решила јавно да проговори за личната животна борба.
„Не барам да бидам сожалувана, не барам коментари и поддршка од луѓето. Барам институциите да ме слушнат и да ми помогнат“, вели таа во видеото.
Според нејзиното сведоштво, таа, нејзината мајка, баба и брат со церебрална парализа живеат со лице, нејзиниот татко, кое, како што наведува, е во континуирана алкохолизирана состојба, има психијатриска дијагноза и историја на лекување во психијатриски установи, но, и покрај повеќекратните обиди, не успеваат повторно да обезбедат негова хоспитализација.
Таа тврди дека семејството со години се соочува со закани по живот, страв и психолошки притисок, а дека во повеќе наврати барале интервенција од полицијата и здравствените институции. Според неа, одговорите што ги добивале биле дека нема слободни места во психијатриските установи или дека не се исполнети условите за принудно лекување.
Во обраќањето таа нагласува дека нивната состојба е дополнително усложнета поради тоа што нејзиниот брат користи инвалидска количка, што значително ги ограничува можностите семејството да го напушти домот и да најде соодветно и пристапно сместување.
„Не мора да има жртви за некој да нè слушне. Не мора да бидеме убиени или тешко повредени за системот да реагира“, порачува Меланија.
Таа апелира надлежните институции да преземат конкретни чекори и јавно прашува која институција е надлежна за постапување во случаи кога лице со сериозни психички нарушувања и зависност од алкохол претставува потенцијална опасност за членовите на своето семејство.
Таа тврди дека нејзиниот татко бил хоспитализиран во Психијатриската болница во Скопје во 2019 година, а минатата година и во Психијатриската болница „Бардовци“, но дека повеќепати добивале одговор дека нема место за нов прием или дека состојбата не е доволно сериозна.
На крајот од видеото, таа повторно упатува апел за итна помош, нагласувајќи дека не сака трагедија да биде повод за институционална реакција, туку навремена заштита за нејзиното семејство.