
Во текот на минатата година во земјава биле создадени вкупно 755,7 илјади тони комунален отпад, што значи дека секој жител во просек создал по 417 килограми ѓубре.
Податоците покажуваат дека количината на отпад е намалена за околу пет проценти во споредба со 2024 година, односно се создадени околу 20 килограми помалку отпад по жител. Просекот е понизок и во однос на европските земји.

Од вкупната количина на создаден комунален отпад, речиси 640 илјади тони завршиле на депониите. Иако граѓаните создале помалку отпад, комуналните претпријатија собрале поголеми количини во споредба со претходната година.
Според Државниот завод за статистика, зголемувањето на собраниот отпад се должи на проширувањето на системот за колективно собирање и вклучувањето на поголем број населени места, пренесе МИА.
Статистиката го опфаќа и отпадот од економските активности. Индустријата во 2024 година создала околу 1,2 милиони тони отпад, што изнесува приближно 655 килограми по жител годишно. Оваа количина е значително пониска во споредба со европскиот просек, каде индустрискиот отпад по жител во некои земји достигнува и неколку илјади килограми годишно.
Најголем дел од комуналниот отпад во земјава потекнува од домаќинствата. Според податоците, дури 84 проценти од вкупното количество отпад го создаваат граѓаните во своите домови, додека преостанатите 16 проценти доаѓаат од комерцијалниот сектор – продавници, ресторани и канцеларии.
Анализата на составот на отпадот покажува дека селекцијата сè уште е на ниско ниво. Најголемиот дел, односно околу 553 илјади тони, е мешан комунален отпад. Од селектираниот отпад, најголем удел има органскиот отпад со околу 35 илјади тони, потоа пластиката со 15,5 илјади тони и хартијата со околу 10 илјади тони, додека количината на издвоен метал е минимална.
Најголеми количини отпад се создаваат и собираат во Скопскиот Регион, додека најмалку отпад се регистрира во Североисточниот Регион.
Во однос на индустрискиот отпад, Македонија е меѓу европските земји со пониски количини. Кај нас годишно се создаваат околу 655 килограми индустриски отпад по жител, додека просекот во Европската Унија е приближно 4.850 килограми.
Иако Германија создава најголеми количини индустриски отпад во ЕУ, голем дел од него повторно се враќа во производниот процес. Сличен пример е и Словенија, која создава повеќе индустриски отпад од Македонија, но има значително повисок степен на негово рециклирање и преработка.
Како посебен проблем кај македонските податоци се издвојува уделот на опасниот, односно токсичен отпад. Во земјава тој претставува околу една четвртина од индустрискиот отпад, додека во Европската Унија учеството е околу пет проценти, што се поврзува со поразвиените технологии за обработка и неутрализација на отпадот уште во производните капацитети.